Со натпреварот Нант – Рајн Некар се отвори третото коло во најсилната група А од лигата на шампионите. Двете екипи ги поделија бодовите, играјќи со нерешен резултат 26:26.
Шампионот на Германија има за што да жали на овој натпревар, со оглед дека имаше постојана предност во текот на целиот меч, највисоката беше четири гола, додека во последните секунди не успеаа да реализираат удар од седум метри, односно голманот на Нант го одбрани ударот. Добро започна мечот за Рајн-Некар кој имаше водство од 3:6. Во следните 15 минути, гостинската екипа одржуваше водство кое се движеше од 1-2 гола разлика, но Нант успева да донесе израмнување од 12:12. До крајот на првиот дел, гостинската екипа успева повторно да се одлепи на два гола, но Лазаров го постигнува последниот гол во првите 30 минути и на полувреме се замина со резултат 15:16.
И стартот на вториот дел им припадна на избраниците на Јакобсен, кои направија серија од 1:4 и поведоа со највисоки 16:20. Нант беше цело време во негатива и постојано се обидуваше да фати резултатски приклучок. Главна фигура во нивната игра беше капитенот на Македонија, Кирил Лазаров кој на овој натпревар беше непогрешлив во ударите од својата позиција. Идентично како и во првото, така во второто полувреме, Нант успева да донесе неизвесност и да го израмни резултатот. Во последните пет минути се играше гол за гол, а Рајн-Некар имаше голема можност да ги однесе бодовите од Франција, откако швајцарецот Шмид промаши пенал, односно голманот на Нант, Думулин го одбрани ударот, за конечни 26:26 на овој прв воведен натпревар од третото коло во групата каде настапува и Вардар. Токму Кирил Лазаров беше најдобар стрелец кај Нант со 6 голови, додека на спротивната страна, “трагичарот“ Шмид постигна 7 голови.
Овој резултат е во прилог на црвено-црните, со оглед дека Рајн-Некар е голем претедент за освојување на првите две места на табелата, кои носат поволности во елиминацискиот дел од најголемото ракометно натпреваруње.
На другите натпревари во третото коло кои се играат во недела се среќаваат следниве екипи:
Вардар – ППД Загреб
Пик Сегед – Кристијанштад
Висла Плок – Барселона