Вардар е поразен на гостувањето против екипата на Розенборг. Домашната екипа триуфираше со резултат 3:1. Голот за Вардар кој беше прв во групната фаза од лигата на Европа го постигна Фелипе. После завршување на дуелот, тренерот Чеде Јаневски на прес-конференцијата ги искажа своите впечатоци од мечот.
-Сакам да им честитам на Розенборг за победата. Мислам дека и покрај поразот, натпреварот мина во егал, рамноправно. Двата тима пробаа да играат фудбал. Имавме свои шанси, онаа прилика на 0:0 кога ја погодивме стативата. И кога нема да се даде гол, се прима, тоа е така во фудбалот. Розенборг реализираше од пенал, но претходно на 30 метри можеше да биде направен ситен прекршок, но не го направивме. Тоа е резултат на нашето неискуство. И после 1:0 имавме шанси, пробавме да играме офанзивен фудбал, но вечерва немавме во нашиот тим вистински голгетер. Честитки за мојот играч кој што играше на таа позиција, даде се од себе. Во вториот дел бевме повторно рамноправни, повторно имавме шанси, и примивме втор гол кој што го одлучи овој натпревар. После тоа направивме измени, внесовме во игра двајца млади играчи. Успеавме да постигнеме гол, кој што за жал дојде во финишот и не можеше ништо резултатски да промени.
Јаневски верува дека Вардар на следните натпревари во групната фаза ќе освои бодови.
-Сакам да кажам дека сум задоволен од играта на мојот тим, бидејќи беше поинаква од првиот меч против Зенит на домашен терен во Лигата на Европа. Сигурен сум дека ако продолжиме во овој стил како вечерва, бодовите ќе дојдат на некој од следните натпревари. Денеска победи тимот кој што имаше повеќе искуство во вакви мечеви и ги реализираше своите шанси.