Младинските екипи на ракометниот клуб Вардар со нови настапи во своите групи од лигата каде се натпреваруваат. Денес стартува сезоната и во машката младинската лига, во која повторно ќе гледаме две екипи на РК Вардар.
Едната е слободна во првото коло, а тоа е РК Вардар кој е дел од групата 1, заедно со екипите на Металург, Прилеп, Јуниор ИВ-НИ,Еурофарм Работник, Охрид 2013 и Пелистер. Оваа екипа на Вардар ја предводат двоецот, Чивлачки и Грчевски. Денес во Радовиш своето прво коло ќе го одиграат младинците на Вардар Јуниор, кои со почеток од 18:00 часот гостуваат на истоимената екипа. Нивни тренер и во новата сезона е Пепи Манасков.
Денес натпревар од редовното коло играат и пионерите на Вардар Јуниор предводени од Зоран Петковски. Тие со почеток од 17:30 часот на Кале се домаќини на екипата на Гостивар. По три одиграни кола, нашите млади надежи имаат две победи и еден пораз. Повозрасните пионери чиј тренер е Андријана Будимир својот натпревар против Бисинов ќе го играат во недела и тоа на гостински терен во Велес со почеток во 11-00 часот.
Во средата стартуваше исто така сезоната и во женската младинска лига и тоа со сестрински дуел на двете екпи на Вардар, каде Вардар Јуниор го победи Вардар со резултат 29:21. Кадетките пак предводени од Драгана Пецевска својот натпревар од редовното коло ќе го играат во вторник. Вардарки ќе гостуваат во Свети Николе на екипата на Овче Поле. Меч кој е закажан да започне од 18:30 часот во спортската сала “Цар Самоил“.