Попладнево на Градскиот стадион во Скопје ќе се одигра мега-дерби пресметката на која се среќаваат големите ривали, тимовите на Вардар и Шкендија. Вардар е во налет кога игра на домашен терен против Шкендија, црвено – црните на последните шест првенствени натпревари немаат пораз против тетовчани.
Денешниот противник, тимот на Шкендија, оваа сезона игра доста добро во ПМФЛ, играчите на Османи имаат само eдна нерешена средба на девет одиграни натпревари, гол разликата исто така им е добра, на девет одиграни натпревари Шкендија има постигнато дури 28 погодоци. Нападот на Шкендија е страшен, од друга страна пак, одбраната на Вардар секогаш кога игра против Шкендија во Скопје е на висина на задачата. Се очекува стоперскиот тандем денеска да го сочинуваат Грнчаров и Новак кој се врати по повредата.
На средината на теренот е јасно кој играчи ќе играат и на двете страни, кај Вардар тоа ќе бидат Фелипе, Николов (или Глигоров) и младиот Исени, од друга страна кај противникот речиси сигурно тоа ќе бидат Тотре, Алими и Емини, поради повреда ќе го нема Вујчиќ. Во нападот кај Вардарци се очекуваат Блажевски, Барсегјан и Максимов, додека пак кај Шкендија, Жуниор, Хасани и Ибраими.
Се на се, не очекува еден интересен и возбудлив натпревар. Се надеваме дека на крајот тимот на Вардар ќе излезе како поуспешен тим во пресметката. Ги повикуваме сите љубители на фудбалот и на Вардар да дојдат во 14:30 на Градскиот стадион и сите заедно да го бодриме нашиот тим.