Вардарци веќе се наоѓаат на Сан Себастијан, каде утре играат натпревар против екипата на Реал Сосиедад, противник од кој загубивме на арената “Филип Втори“ убедливо со 0:6. Ова ќе биде поправен испит за избраниците на Чедомир Јаневски и шанса за екипата да ја врати препознатливата форма која ги красеше на почетокот на сезоната. Изминатиов месец Вардар не игра најдобро, а тоа го покажуваат и слабите резултати во ПМФЛ, каде црвено-црните немаа триумф на последните три натпревари, на кои имаат два порази, еден нерешен резултат и само еден постигнат гол. Во пресрет на утрешниот натпревар, Хуан Фелипе истакна дека Вардар е во играчка криза и дека мора да останат фокусирани на дуелот со Р.Сосиедад.
-Не знаеме што ни се случува. Нашата игра значително падна, претходно на терен излегувавме далеку помотивирани. Сега нам ни е задача да го вратиме оној Вардар од пред неколку месеци, друго не ни преостанува. Против Реал Соседад знаеме дека нè чека нов тежок дуел. Шпанскиот тим има многу квалитетни играчи, но ние мораме да ја одиграме нашата игра. Мораме да заборавиме на сè и да останеме фокусирани само на утрешниот меч, истакна бразилскиот интернационалец во дресот на Вардар.