Кадетките на Вардар Јуниор продолжуваат со победите во рамките на кадетската лига од групата 2, која беше вкупно петта за избраничките на Драгана Пецевска. Тие вечерва на Кале очекувано високо ја победија екипата на Бошески Спорт, со резултат 36:16.
Едно и единтвено водство имаше противничката екипа и тоа во првата минута кога го отвори резултатот, по што следеше серија на нашите девојки од четири последователни погодоци, за предност од 4:1. На секој гол на Бошески, Вардарки одговараа со серија од неколку голови, така беше и во случајот кога гостинот намали на 4:2, за избраничките на Пецевска да постигнат нови пет гола во серија и да зголемат на 9:2. Така на осум минути пред крајот имавме и двоцифрена предност од 14:4, додека на полувреме се замина со сигурна предност од 18:7.
Интересно е што ист број на погодоци постигнавме и во второто полувреме, а се започна со серија од 2:0 за предност од 20:7. Разликата во квалитет беше очигледна, па тренерот Пецевска им даде шанса за настап на сите ракометарки кои беа на располагање за денешниот дуел. Видовме уште една голема серија на црвено-црните кога при резултат 22:10 постигнавме шест последователни голови и зголемивме на 28:10. Како се ближеше крајот на натпреварот се повеќе растеше предноста во наша корист, за на крајот да триумфираме со резултат од 36:16.
Сите ракометарки со исклучок на двете голманки и Костовиќ успеаа да се запишат во листата на стрелци. Најефикасна во редовите на Вардар беше Петковска Мирјана со 9, додека Стефанија Софтовска додаде 7. Со овој натпревар го завршивме есенскиот дел од сезоната со пет победи и еден нерешен резултат.
РК Вардар Јуниор: Трајковска, Гроздановска 2, Дамјановска 1, Гонзалес 1, Ѓеорѓиевска 5, Донева 2, Петковска 9, Грујовска, Софтовска 7, Костовиќ, Миновска 1, Седлоска 2, Коларовска 2, Јаковчевска 2, Талевска 1, Арсовска 1.