Младиот состав на Вардар Јуниор го претрпе и седмиот пораз во супер-лигата, откако на Кале беше поразен од екипата на Еурофарм Работник.
Избраниците на Стојан Петршевски беа рамноправен противник во првото полувреме кога во еден момент имаа и два гола предност, која беше и најголема за една од двете екипи. Битолчани го отворија резултатот за 0:1, но црвено-црните вратија со два гола, за прва предност на мечот. Во следните пет минути се играше гол за гол, се до моментот кога при негатива од 4:5, црвено-црните постигнаа три последователни голови и поведоа со 7:5. Уште во два наврати ја имавме истава разлика од два гола (9:7 и 12:10), но гостинската екипа постигна два гола во последната минута и на одмор се замина со нерешен резултат од 12:12.
Во вториот дел примивме само пет погодоци, што беше решавачко за поразот. По еден гол на стартот за двете екипи, за Еурофарм да направи серија од 0:3 и да поведе за прв пат на натпреварот со три голови разлика (13:16). Од тие моменти падна темпото на игра во нашиот состав, кој немаше веќе сила да се надигрува со противникот. Само за момент намаливме на 14:16, за во следниот период да му дозволиме на противникот да направи серија од 0:5 и да има недостижни 14:21. Оваа предност ја задржаа до крајот на мечот, за конечен резултат од 17:24.
Вардар Јуниор остана на една победа, издвојувана на гостински терен против екипата на Металург.
РК Вардар Јуниор: Кизиќ, Димов 2, Ангелковски, Чакалиќ, Крстевски 3, Мишевски 3, Димитров, Владимиров, Кизиќ, Карапалевски 1, Трпчевски, Николовски, Димитровски, Гашоски, Кукуловски 3, Цветанов.