Вардар загуби од Зенит, но воопшто не разочара. Вечерва домашниот тим беше подобар од нашиот шампион, кого го совлада минимално со резултат 2:1. Дејан Блажевски постигна убав гол, со кој го намали резултатот, но немаше доволно време за изненадување. После завршување на натпреварот, на прес-конференцијата се обрати шефот на стручниот штаб на црвено-црните, Чеде Јаневски кој пред медиумите го изјави следново:
-Мислам дека беше убав и добар натпревар со два тима кои сакаа да победат. Како што реков и претходно, за да направиме добар резултат тука, мора да бидеме добро организирани и да не правиме многу грешки. Нормално беше да Зенит пред својата публика нападне во првите 15. минути, и ние се плашевме да не примиме гол како во Скопје. Примивме гол кој што не беше многу тешко да се одбрани, и моравме подобро да реагираме. Потоа дојде и пеналот кој што за мене е многу сомнителен, и благодарение на нашиот голман го одбрани. Тоа беше клучен момент да веруваме до крајот на мечот дека можеме да направиме нешто повеќе. Тоа ни даде позитивна енергија. Создававме неколку полушанси, и не направивме да одиме на полувреме со еден постигнат гол, а примивме втор.
Јаневски истакна дека неговиот тим одиграл многу подобро во второто полувреме и дека не е задоволен од поразот.
-Во вториот дел и со игра и со посед тимот добро одговори на поставените задачи, не се уплашивме и на моменти бевме поопасни од противникот. Дадовме гол но за жал доцна. Одигравме подобро од Скопје, само можам да кажам дека не сум задоволен од крајниот резултат. Честитки до Зенит за победата.