Вечерва со почеток од 17:30 часот во С.Ц. Јане Сандански не очекува нов ракометен спектакл, каде Европскиот шампион е домаќин на екипата на Кристијанштад.
Вардар е единствениот тим кој се уште нема пораз оваа сезона во лигата на шампионите и секако дека така ќе сака да ја заврши оваа 2017 година, која е најуспешна во историјата на клубот, кога успеавме да ја освоиме Европската круна. Шампионот на Шведска го совладавме на негов терен, во рамките на шесттото коло, со резултат 23:26 и на тој меч по седум голови постигнаа Борозан, Дибиров и Кристопанс. Денешниот противник направи мало “изненадување“ во минатото коло кога на домашен терен го совлада фаворитот Пик Сегед, минимално со резултат 33:32, најавувајќи дека на Вардар нема да му биде ни малку лесно да ги освои двата бода од денешниот меч. Со тој триумф, Кристијанштад влезе со шанси на крајот од групната фаза да заврши како шестопласиран, место кое носи во осминафиналето. Тие имаат две победи, два нерешени резултати и пет порази до одигрување на ова коло. Во четвртокот одиграа натпревар во националното првенство, каде славеа на гостувањето против Карлскрона. Засега се наоѓаат на првото место во лигата, со дури 14 победи и само 1 пораз, што говори за нивната доминација во домашното првенство, каде и оваа сезона се наметнува како главен претедент за освојување на трофејот. Ола Линдгрен практикува брза игра, а контра-нападите се едно од нивното најсилно “оружје“.
Вардар е голем фаворит на овој натпревар, каде игра перфектно и речиси без грешка пред својата публика. После ова коло имаме шанса да ја зголемиме и бодовната разлика пред екипите на Рајн-Некар, но и пред Нант и Барселона, кои исто така вечерва играат меѓусебен дуел. Каков и да биде исходот, сигурно дека ќе му ги отвори широко вратите на нашиот шампион кон освојување на првото место, кое носи директен пласман во четврфиналето. Очекуваме и полна сала и голема подрршка од Комитите, кои ќе го испратат шампионот во последниот меч од оваа година во ЛШ.