Вардар стигна до својата 11 последователна победа во СЕХА-лигата, со триумфот против екипата на Горење Велење, кој беше последен натпревар за црвено-црните за оваа година. Иако настапивме без неколку стандардни играчи, како Дибиров, Борозан, Чупиќ Стоилов, Карачиќ, како и голманот Милиќ, Вардар немаше поголеми проблеми да стигне до нов триумф во ова натпреварување. Најдобриот тренер за оваа година, Раул Гонзалес истакна дека е среќен што победнички сме ја завршиле годината.
-Цели 35 минути домаќините не дозволија резултатски да се одлепиме, но потоа нашата одбрана одигра перфектно што резултираше со брзи и лесни голови. Среќен сум што со победа ја завршивме оваа година.
Недановски доби шанса да игра на овој натпревар, во отсуство на Дибиров кој доби поштеда на овој меч.
-Честитки до Горење, секогаш е тешко да се игра тука, тие одиграа одлична партија, но нашата цел се оствари и со победа ја завршивме годината. Искрено посакувам и во новата година да бележиме позитивни резултати, како во СЕХА лигата, така и во Лигата на шампионите, истакна Недановски.