Тимот на Вардар повеќе од заслужено се радуваше на победа и пласман во 1/4 финалето на Купот на Македонија. Попладнево црвено – црните во целост го надиграа својот противник и заслужено славеа победа со резултат 0:2. Со оваа победа, Вардар и закажа пресметка на Шкендија во 1/4 финалето, овој двомеч ќе биде одигран напролет.
Како и што се очекуваше, во првиот дел тимот на Слога се бранеше додека пак Вардар напаѓаше но немаше некоја поголема идеја во играта. Во првиот дел Вардарци имаа три добри можности да постигнат гол и да дојдат до предност. Првата, онаа најголемата ја имаше Новаќ уште во 3. минута, неговиот удар од неколку метри заврши само над голот на Зендли. Во 10. минута Барсегјан ја имаше втората голема шанса, одлично биеше во левиот агол на Зендели но голманот одлично одбрани и спречи гол за Вардар. Третата во првиот за малку не заврши во голот, Фелипе изведе корнер а Бериша за малку не си постигна автогол.
Вториот дел започна исто така со доминација на Вардар во поседот на топката, во 51. минута Барсегјан имаше одново голема шанса да постигне гол, Максимов убаво издрибла двајца играчи и му додаде на Барсегјан кој биеше за малку над голот на противникот, потоа во 54. минута и Николов се најде во шанса но и тој шутираше само над голот. Гоооол, конечно гол за Вардар, во 64. минута Блажевски од левата страна нафрли до Николов кој што на вториот дирек со глава погоди во мрежата за 0:1. По голот, Вардар го умртве темпото и сигурно го чуваше својот резултат. Во 78. минута беше извршена и првата замена кај Вардар, во игра влезе Демири на местоот на Тодороски. Гооол на Вардар за точка на оваа средба, после противнапад кој што го поведе Барсегјан стигна до 20 метри, додаде до Николов кој несебично го проигра Максимов, а овој успеа да погоди во празната мрежа за 0:2. До крајот на натпреварот Вардар рутински ја доврши својата задача за победа и пласман во 1/4 финалето од Купот на Македонија.