Утрово во спортскиот ракометен центар Кале, продолжија натпреварите од четвртото и петтото коло, во машкиот дел на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов, кај генерацијата родени 2006/07 година. Веќе се познати и полуфиналистите на турнирот во оргнизација на Вардар. Полуфиналните двојки се РК Будимир-Вардар против Бисинов-Вардар и Преспа-Вардар со Балтепе-Вардар. Ова е епилогот од одиграните мечеви по групи на зимскиот турнир. Во групата А, како најдобри две екипи излегоа Будимир и Балтепе, додека во групата Б, тоа се Преспа од Ресен и Бисинов од Велес. Со оглед дека екипата на Урдаревски настапувала со повозрасни играчи, беше дисклификувана од понатамошните настапи на турнирот.
Програмата ја отворија екипите на Балтепе од Тетово и Драчево. Во еден интересен и неизвесен натпревар до крајот, победата им припадна на Балтепе, кои славеа минимално со резултат 9:8. При водство на Драчево од 1:2, екипата на Балтепе постигнува четири последователни голови и го зголемува резултатот на 5:2. До крајот на првиот дел, успева Драчево да намали и на пауза да се замине со резултат од 6:5.
Добар старт на вториот дел за Драчево кога успеваат да ја продолжат серијата и да направат резултатски пресврт (6:7). Врати на ист начин екипата на Балтепе и поведе со 8:7, по што следеше израмнување на резултатот. Сепак последниот гол на натпреварот му припаѓа на Балтепе, кој успева да слави со резултат од 9:8.
До нова победа во групата Б, стигна екипата на Преспа од Ресен, која го совлада Ѓорче Петров, со резултат од 5:9.Откако до средината на првото полувреме се играше гол за гол, до истекот на првите 12 минути, тимот на Преспа направи серија од 1:3 и на одмор да замине со резултат од 3:5. Во вториот дел, ресенчани направија серија од 0:4 и веќе резултатски се одлепија на водство од 3:9. Последните два гола на мечот се за екипата на Ѓорче Петров, кој успева да го ублажи поразот на 5:9.
Последното петто коло по групи, го стартуваа екипите на ГРК Гостивар и Ангели, натпревар кој им припадна на скопската екипа. Ангели имаше фуриозен старт кога успеа да поведе со 0:4, за Гостивар да го постигне првиот гол и да го намали резултатот на 1:4. До крајот на првиот дел нова серија на Ангелите, за на одмор да имаат висока предност од 2:8.
Гостивар во второто полувреме заигра подобро кога стигна до само два гола негатива (7:9), сепак Ангели имаа контрола на резултатот и на крај славеа триумф со резултат од 7:11.
Екипата на Урдаревски е дисклификувана од турнирот и секој натпревар кој го одигра ќе се смета со резултат 0:10 за другата екипа, така да иако Урдаревски ги доби сите мечеви нема да има можност да игра во полуфиналето на турнирот.
На претпоследниот натпревар од групната фаза, екипата на Бисинов успеа да го добие дуелот со екипата на Ѓорче Петров. Во најголем дел од првото полувреме се играше гол за гол, а Ѓорче беше екипата која прва успева да поведе со два гола разлика (4:6). Сепак до крајот на првиот дел, успева Бисинов да се врати во игра и на одмор да се замине со нерешен резултат од 6:6.
Израмнето започна и второто полувеме, а победникот беше решен во последните пет минути, кога при нерешени 8:8, екипата од Велес успева да постигне три гола во серија и да зголеми на 11:8. Иако Ѓорче Петров намали на 12:11, во својот последен напад, Бисинов постигна гол и стави точка на натпреварот, конечни 13:11 на овој дуел.
За првото место во групата се сретнаа екипите на Будимир и Балтепе, натпревар кој им припадна на Будимир, кои триумфираа со резултат од 9:4. Одличен старт имаа избраниците на Андријана Будимир кои имаа предност од 4:0, сепак до крајот на првото полувреме со неколку сврзани погодоци, екипата на Балтепе успева да намали на само еден гол негатива и на одмор да се замине со резултат од 5:4. Интересно во вториот дел, тетовчани не успеаа да го погодат голот на Будимир, кои пак постигнаа пет гола, за голема радост на овој тим кој успеа да се пласира во полуфиналето на турнирот.