Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Барселона му го нанесе првиот пораз на Вардар во Лигата на Шампионите
Барселона му го нанесе првиот пораз на Вардар во Лигата на Шампионите

Барселона му го нанесе првиот пораз на Вардар во Лигата на Шампионите

Барселона му го нанесе првиот пораз на Европскиот шампион оваа сезона. Во арената “Палау Блауграна“, Барселона беше подобра од Вардар, која ја совлада со резултат 29:28.

Натпреварот со гол го отвори Вуко Борозан, за домашниот тим со два последователни погодоци, да поведе со 2:1. Во текот на првото полувреме во главна улога беа голманите на двете екипи, кај нас Арпад Штербик и на спротивната страна, Перез де Варгас. Екипата на Барселона успева прва да се одлепи резултатски, кога поведе со 5:2, но тоа водство не траеше долго време, бидејќи црвено-црните во следните четири минути направија серија од 0:3, при што Кристопанс постигна два последователни голови и во 10 минута го израмни резултатот. Истовремено, Штербик стигна до својата трета одбрана. Гледавме интересен натпревар, а двете екипи наметнаа брзо темпо на игра. Во следните пет минути следиме игра гол за гол, а за прв пат на мечот, Вардар успева да има два гола разлика, откако десното крило, Данил Шишкарев погоди во два наврати и на црвено-црните им донесе предност од 8:10, што беше знак за Чави Пасквал да побара тајмаут. Блескаше Штербик, кој со леснотија ги спречуваше ударите на противничките играчи. После минутата одмор, каталонците брзо ја топат негативата и успеваат да израмнат на 10:10. До крајот на првото полувреме ниту една од екипите не успеа да поведе со повеќе од еден гол. Штербик имаше веќе девет одбрани на нашиот гол и е најзаслужен, што противникот по истекот на првите 30 минути има само минимално водство, или резултат 15:14.

Второто полувреме започнува со третиот гол на Циндриќ за израмнување на резултатот, но Барса во следните четири минути направи серија од 3:0, за три гола разлика од 18:15. Во следните десет минути, домашниот тим одржуваше водство од 2-3 голови разлика, а Вардар се обидуваше да се доближи, но Перез де Варгас беше расположен за бранење. Избраниците на Гонзалес започнаа да грешат во нападот, што им овозможи на противникот два контра-напади, со кои зголемија на највисоки четири голови разлика (24:20) во 50 минута. Карачиќ со два гола во серија носи резултатска неизвесност и намалува на 24:22 и го враќа Вардар во игра, а Штербик стигнува со својата 14 одбрана. Барса прави голем чекор кон победата, кога повторно направи мини серија од два гола и поведе со 28:24. Иако намаливме на 28:26, немавме време за целосен пресврт. Барселона славеше минимална победа со реултат 29:28.

Ова е прв пораз на црвено-црните, оваа сезона во Лигата на Шампионите, но и покрај тоа остануваме на првото место на табелата.