По една недела пауза продолжуваат натпреварите во женската лига на шампиони, каде на програмата е осмото коло. Вардарки гостуваат во Франција на екипата на Мец и ќе се обидат да стигнат до својата десетта последователна победа во најголемото натпреварување.
Со триумф на денешното гостување, Вардар и теоретски ќе го обезбеди првото место во новоформираната група. Црвено-црните славеа на првиот меч одигран во Скопје, со резултат од 29:23. Екипата на Мец може да се пофали со податокот дека оваа сезона се уште нема доживеано пораз на домашен терен, што е мотив повеќе и предизвик за вардарки да слават на денешниот меч и да бидат првата екипа која им нанела пораз на французинките пред својата публика. Најдобри стрелци на екипата се репрезентативката на Словенија, Ана Грос која до ова коло има постигнато 47 голови и Деуна Заади која зад своето име запиша 41 гол. Одбраната која е една од најдобрите во ЛШ за екипата на Мец е главното “оружје“ во дуелот со нашиот шампион. Минатата сезона, Мец успеа високо да го порази Вардар, со резултат од 42:28, што беше најголем пораз за црвено-црните во ЛШ.
Вардар е во поволна ситуација и со евентуален пораз ќе остане на првото место со најголеми шанси да заврши на оваа позиција и по одигрувањето на последните два натпревари. Победа за Мец ќе значи чекор поблиску до освојување на второто место, кое сега е “нападното“ од тимот на ФТЦ кој по триумфот против Будуќност се израмни со бројот на освоени бодови со Мец. Тренерскиот тандем, Парондо-Дибирова немаат проблеми околу составување на екипата и денес ќе ги имаат на располагање сите ракометарки. Натпреварот започнува од 15:00 часот, со директен пренос на МРТ-1.