Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар уште денес може да го потврди пласманот во 1/4 на ЛШ, доколку Рајн-Некар слави против Нант
Вардар уште денес може да го потврди пласманот во 1/4 на ЛШ, доколку Рајн-Некар слави против Нант

Вардар уште денес може да го потврди пласманот во 1/4 на ЛШ, доколку Рајн-Некар слави против Нант

Во текот на денешниот и утрешниот ден ќе се одигра последното коло во најсилната група А. Ви ги најавуваме натпреварите и каков би можел да биде пласманот на екипите.

Вардар има шанса и пред одигрување на својот меч против Висла, да го “визира“ директниот пат кон четврфиналето, само под услов денес Рајн-Некар на домашен терен да го победи тимот на Нант. Овој меч ќе започне од 17:30 часот и по одигрување на истиот ќе биде познато дали црвено-црните предвреме ќе го обезбедат првото место во групата. Натпреварот нема големо резултатско значење за бундеслигашот кој дури и со победа на денешниот дуел, најверојатно би останал на четвртото место на табелата. Сепак денешниот дуел има големо значење за Нант, кој доколку победи ќе остане, не само што ќе остане во борба за првото место, туку во најмала рака ќе го обезбеди второто место на табелата, пред екипата на Барселона, што значи и полесен противник во осминафиналето. На првиот меч одигран во Франција, екипите ги поделија бодовите играјќи со нерешен резултат 26:26. Не очекува интересен дуел, на кој поголеми шанси за триумф му даваме на Нант, со оглед дека бодовите од овој меч им се повеќе од потребни и неопходни, што не е случај со домашната екипа.

Барселона во последното коло, во својата арена “Палау Блауграна“ е домаќин на екипата на Пик Сегед. И тука победата е повеќе потребна за каталонците, кои без разлика на исходот од дуелот, Рајн-Некар – Нант ќе мораат да го добијат натпреварот со унгарците. Во случај на еднаков број на бодови меѓу екипите на Барса и Рајн-Некар одлучува меѓусебниот дуел, а нивните два натпревари завршија со нерешен резултат, па дополнително ќе се одредува кој има подобра гол разлика, доколку двете екипи по одигрување на ова коло имаат еднаков број на бодови. Со вакви математики не треба да се оптоварува Пик Сегед, кои без оглед на исходот на мечот со Барса и на останатите натпревари од оваа група, тие ќе завршат на петтото место на табелата. Избраниците на Пасквал се големи фаворити, но растеретеноста на Пик Сегед и тоа дека немаат притисок, може да биде и предност за избраниците на Пастор да направат изненадување.

Најважниот натпревар во групата ќе биде сигурно оној во Хрватска, каде ППД Загреб е домаќин на Кристијанштад. Влогот на овој дуел е несомнено голем, а победникот ќе успее да се пласира во осминафиналето и ќе ја продолжи приказната во Лигата на Шампионите. Загреб е во предност само поради домашниот терен, додека според квалитетот и двете екипи се израмнети. Можеби еден гол, среќа и ситни детали ќе го одлучат победникот и патникот во следната елиминациска рунда. Првиот натпревар одигран во Шведска, заврши со нерешен резултат и поделба на бодовите.

Влогот околу победникот ќе биде голем и на неделниот дуел, помеѓу Вардар и Висла Плок. Полјаците се во грчевита борба за пласманот на шесттата позиција која носи учество во најдобрите 16 екипи. Само победа на Висла ќе значи дека можат да се надеваат на осминафинале, под услов Загреб да победи во дуелот со Кристијанштад. Од друга страна, на Вардар му е потребна победа, па дури и нерешен резултат за освојување на првата позиција во групата, што значи директен пласман во четвртфиналната рунда. Нема дилеми избраниците на Раул Гонзалез се големи фаворити во пресрет на утрешниот меч и таа улога треба само да ја потврдат на теренот. Тоа ќе значи и втора сезона по ред директен пласман во 1/4 и полесен пат да се стигне до завршниот турнир, на кој Вардар ја брани Европската титула.

По одигрување на натпреварите и во групата Б ќе бидат познати сите осминафинални двојки, како и можниот противник на Вардар во четвртфиналето, со исклучок како што напоменавме нашиот шампион да слави во дуелот со Висла Плок.