Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Младинците на Вардар во директен дуел за првото место го добија дербито против КЛ-7 Струга
Младинците на Вардар во директен дуел за првото место го добија дербито против КЛ-7 Струга

Младинците на Вардар во директен дуел за првото место го добија дербито против КЛ-7 Струга

Голема победа за младиците на РК Варда, кои со три бодови се враќаат од гостувањето во Струга, каде успеа да ја совладаат екипата на КЛ-7 Струга, тоа е школа на легендарниот Кирил Лазаров. По голема борба, нашите младинци кои на клупата се предводени од Кристијан Грчевски и Слободан Чивлачки успеаа да триумфираат минимално со резултат 26:27.

Во најголем дел од натпреварот се играше израмнето и се до последната минута не се знаеше победникот. Црвено-црните во текот на целото прво полувреме имаа предност, која најмногу достигна до три гола разлика. Сепак секогаш кога ќе му побегневме на домаќинот со 1-2 гола, тие се враќаа во игра и го израмнуваа резултатот. Натпреварот го оправда епитетот дерби на колото не само во групата 1, туку и во целата младинска ракометна лига. Откако двете екипи го постигнаа својот прв гол, Вардар со два гола во серија поведе со 1:3, имаве и 2:4, но стружани не помислија да му дозволат на нашиот состав да се одлепи уште на стартот од мечот. Следеше првото израмнување на дуелот (5:5), за повторно црвено-црните да имаат водство од 5:7. Се случија уште две израмнувања во првиот дел (7:7 и 8:8), за до крајот на првиот дел, вардарци да имаат постојана предност и контрола на резултатот. Се случи и најголемото водство, воопшто за двете екипи на овој дуел, кога избраниците на Грчевски и Чивлачки поведоа со 10:13, за последниот гол во првите 30 минути да го постигнат КЛ-7, за на одмор да се замине со резултат 11:13. Ниту еднаш до крајот на мечот, и Вардар и КЛ-7 Струга немаа ваква позитива.

Стартот на второто полувреме им припадна на домашнио тим, кои можеби ги одиграа најдобрите пет минути на овој дуел, кога со серија 4:0 комплетно го свртеа резултатот во своја корист и поведоа со 15:13. Сепак тоа не ги демотивира нашите момци, кои вратија со три последователни погодоци и повторно го имаа водството. Следуваше период од десет минути кога се играше гол за гол на двете страни. Интересно имаше дури десет израмнувања во второто полувреме, што говори за каков израмнет и квалитетен натпревар гледавме во салата “Нико Нестор“. Сепак Вардар подобро се снајде во завршните пет минути, кога се одлепи на два гола предност (24:26) и тука беше моментот за конечниот победник. Немаше време, ниту сили за противникот да направи нов подвиг и само до крајот успеа да смали на еден гол негатива (26:27), што се покажа како конечен реултат на овој дерби натпревар.

Васе Наков, Христијан Милошески и Игор Ѓорѓиев беа најефикасни кај Вардар со по 6 голови, додека кај Струга единствено расположени за голови беа Симоноски со 9 и Џигероски со 8 погодоци. Ова беше седма победа за Вардар, кој сега има четири бодови повеќе од денешниот противник, со што може да се каже дека обезбедивме пласман на завршниот турнир.

Вардар: Мишоски, Анѓелкоски, Миланов, Ќосевски 3, Милошески 6, Крстевски 4, Петкоски, Олтовски, Бикоски 1, Тушев, Трајковски, Мисаилески 1, Мајсторовски, Ѓорѓиев 6, Наков 6, Мицаноски.