Денес на теренот на Академијата на ФК Вардар во Градски Парк се одиграа одложениот меч од пионерската лига, кој требаше да се одигра во саботата, но беше одложен поради лошите временски услови. Во истиот пионерскиот состав на Вардар се сретна со тимот на ФК Милано од Куманово, нашите момци во дуел во кој целосно доминираа триумфираа со високи 6-0 (4-0)
Tренерот Ѓорѓиевски Петар овој дуел го почна со следниот состав: Стојковски, Спировски, Мирчевски, Цури, Манасиевски, Бојковски, Ристовски, Речица, Туша, Астарџиев и Игнатов. Играа уште: Станковски, Миленковски,Зендели, Николов, Димовски, Илиевски, и Ѓурковски.
Нападнавме уште од почетокот со цел да отвориме рано со погодок и да ја осигураме победата порано на овој натпревар во кој влеговме како фаворит. Уште по пет минути фудбал на теренот во Скопје успеавме да поведеме со 1-0. Погодокот за отварање на овој натпревар го постигна Туша Ветон. Следеше по голот уште поголема офанзива на црвено-црните, истата беше наградена во 10.минута. Гол за удвојување на водството постигна Астарџиев Давид, кој погоди за комотни 2-0. Минута потоа уште еднаш се тресеше мрежата на гостинскиот голман, Азири Бард. Во 11.минута играчот со број 11 во нашите редови, Игнатов Леонид погоди за високи 3-0 и најави дека црвено-црните денес лесно ќе дојдат до “цел плен“ на овој пионерски дуел. До крајот на првиот дел имавме серија прилики, од нив успеавме да искористиме уште една, во 25.минута преку Бојковски Дамјан погодивме. Тој стрелаше за голема предност од 4-0, резултат со кој се замина на пауза.
Доста растеретени влеговме во вториот период, големата предност од 4-0 ни даваша голема комоција на овој пионерски натпревар. Нашиот тренер, Ѓорѓиевски Петар во вториот период им даде прилика од клупата на резервистите, кои со несмален интезитет продолжија да напаѓаат кон голот на кумановчани. По почетните атаци кои не ги претворивме во погодок, во 55.минута Спировски Мартин го совлада Азири Бард за “петарда“, односно за водство на црвено-црниот пионерски состав со 5-0. По овој погодок веќе се беше решено, одигравме во втората половина од вториот дел рутинирано. На овој натпревар погодивме уште еднаш, нововлезениот Илиевски Марио во 67.минута ги постави конечните 6-0 на ова средба.