Четврти натпревар во исто толку денови за екипата на ЖРК Вардар, која денес гостува на екипата на Металург. Мечот ќе се одигра во спортската сала во населбата Автокоманда, со почеток од 16:00 часот.
Турнејата која започна од понеделникот со настапите во регионалната лига, ќе заврши денес со натпревар од супер-лигата. Само да потсетиме дека во понеделникот, вардарки ја совладаа минимално екипата на Крим (32:31), продолжија со меч против “сестринскиот“ Вардар Јуниор (48:19), за во текот на вчерашниот ден да ремизираат со екипата на Будуќност (25:25). Денес на програмата е 21 коло во женската лига, а црвено-црните имаат исто толку победи и се наоѓаат на првото место на табелата, со голема бодовна предност пред екипата на Металург, која ја завзема втората позиција. Првиот меч одигран во есенскиот дел во истава сала, убедливо му припадна на Вардар, со резултат 18:39, додека во Јане Сандански исто така голема победа за нашиот шампион, меч кој заврши со резултат 44:17.
Денешниот натпревар против ривалките од Автокоманда, ќе биде последна подготовка за вардарки, пред одигрување на првиот четврфинален меч од Лигата на Шампионите против екипата на Митјиланд. Црвено-црните на 6-ти април ќе гостуваат во Данска, а осум дена подоцна ќе се одигра реваншот во С.Ц. Јане Сандански. Тоа значи дека после мечот со Металург, нашиот шампион сите мисли ќе ги насочи токму кон двомечот со Митјиланд во ЛШ.