Кадетите на ракометниот клуб Вардар стигнаа до нова рутинска победа, во рамките на деветтото коло од групата 3 во кадетската лига. Вечерва на Кале избраниците на Андријана Будимир убедливо ја совладаа екипата на Македонија Ѓ.П, со резултат 35:21
Само во првите седум минути од натпреварот, гостинската екипа одржуваше резултатска рамнотежа кога се играше гол за гол на двете страни. Последното израмнување се случи при резултат 6:6, кога вардарци го скршија отпорот на противникот, па со серија од 4:0 успеаа да стигнат до највисоки четири голови ралика (10:6). Последната резултатска неизвесност се случи на шест минути пред крајот на првото полувреме, кога Македонија Ѓ.П се доближи до само еден гол негатива (11:10), но нашите надежи имаа фуриозен финиш на првите 30 минути кога со серија од 5:2 успеаа на одмор да имаат предност од 16:12.
Тоа беше се што успеа да стори гостинот од Ѓорче, кој очигледно дека немаше сили да се надигрува со поквалитетниот тим на Вардар. Избраниците на Будимир брзо ги разрешија дилемите околу победникот, кога направија серија од 7:0 и стигнаа до двоцифрена предност од 23:12. Се до крајот на мечот беше чиста рутина за вардарци и одработување на натпреварот, кои само ја зголемуваа разлика во своја корист. На осум минути пред крајот на мечот имаа високи 31:16, гостинската екипа не го издржа силното темпо кое го наметна нашиот состав. На крајот Вардар слави убедлива победа, изразена со резултат од 35:21.
Најефикасен играч во редовите на Вардар беше Бојан Чакалиќ со 10 голови, додека Давид Димитријевски и Давид Савревски погодија по 5 пати.
Вардар: Мишевски 2, Чакалиќ 10, Павловски, Трајковски 2, Жерновски, Ташевски 2, Ангеловски, Димитријевски 5, Чорогунов, Србиновски 2, Грујовски, Трајчевски 1, Савревски 5, Димчевски 2, Мирчевски, Калајџиески 4.
Ова беше деветта последователна победа за кадетите на Вардар, кои остануваат на првото место на табелата пред екипата на Металург.