Екипите на Металург 2 и Вардар Јуниор ги поделија бодовите, во дербито на плеј-аутот од ракометната супер лига. Попладнево во спортската сала во населбата Автокоманда, Металург беше домаќин на Вардар Јуниор.
Гледавме мал број на постигнати голови, меч на кој преовладуваше голема борба и цврста одбрана на двете страни. Откако мечот започна со игра гол за гол, и така се играше се до резултат од 4:4, избраниците на Стојан Петрушевски први се одлепија на овој меч и со серија од четири последователни погодоци успеаа да го зголемат резултататот на 4:8. До истекот на првите 30 минути, домашниот тим успеа да намали на 6:8 и на одмор да замине со достижна негатива.
Во второто полувреме и двете екипи направија серија од четири последователни погодоци. Најпрво тимот од Автокоманда го стори тоа и направи резултатски пресврт, за да поведе со 10:8, за црвено-црните во следните минути да вратат на ист начин и да го вратат водството (10:12). Металург бргу реагираше и со два сврзани погодоци го израмни резултатот на 12:12. До крајот на мечот се играше гол за гол, а во последните 30 секунди Вардар влезе со гол предност. Сепак Металург успеа да го реализира последниот напад и да ги постави конечните 18:18 на овој неизвесен дуел.