Вардар ќе игра на завршниот турнир во Келн, откако одиграа со резултат 27:28 на реваншот во Скопје против екипата на Кил. На првиот меч одигран во Германија,Вардар славеше победа исто така со еден гол разлика (28:29), но поради повеќе постигнати голови на гостински терен обебедивме учество на нов Ф4 во Келн.
Натпреварот започна лошо за нашиот шампион, кој на стартот имаше негатива од 0:3. Ние пропуштивме можност да реализираме два зицер удари на Дибиров и Шишкарев, кои голманот на Кил, Никлас Ландин успешно ги скроти. Сепак вардаровата машина се запали па следните три минути им припаѓаат на црвено-црните. Првиот гол Вардар го постигнува дури во шесттата минута преку Вуко Борозан, а по него следи погодок на Кањелас и уште еден на Борозан, за во 8 минута по прв пат на мечот резултатот да биде израмнет на 3:3. Штербик истовремено стигнува и до својата втора одбрана на нашиот гол. Гледавме цврста и борбена игра на двете страни, со многу “жар“ кај двете екипи. Прва предност за избраниците на Раул Гонзалез донесе Тимур Дибиров со неговиот прв погодок (4:3) во 9 минута од дуелот. Штербик влезе во ритам, а тоа беше непријатно за екипата на Кил, а добро за нашиот шампион, кој за прв пат на дуелот има и три гола позитива, откако погоди Чупиќ од седум метри, за водство од 8:5 во 13 минута од мечот.
Истава позитива ја имаме и во 17 минута, кога Кристопанс постигна гол за предност од 10:7. Сепак следи лош период во нашата игра, неколку брзоплети напади и испаднати топки му овозможија на гостинскиот тим целосно да се врати во игра и во 21 минута да го израмни резултатот на 10:10. Повторно Вардар се одлепи на два гола разлика (12:10), кога погоди Шишкарев, а претходно одбрани Штербик. Сепак во последните пет минути, бундеслигашот направи серија од 1:3 и на одмор се замина со резултат 13:13. Пропуштивме можност во последните секунди да реализираме удар од седум метри, откако Волф му одбрани топка на Чупиќ, за кој ова беше втор промашен седмерец.
Вториот дел започна со гол на Кристопанс за повторно да имаме водство од 14:13, а Штербик не дозволи да биде совладан од седум метри, што му овозможи во следниот напад на Фереира да стигне до својот втор последователен гол и да зголеми на 17:15. Нова “бомба“ на Борозан, за да ги вратиме трите гола предност (18:15). Кил не му дозволи на Вардар предвреме да го реши патникот на Ф4, па врати со два брзи гола, за да намали на само еден гол негатива (18:17). Сепак црвено-црните подржани од преполната арена Јане Сандански ги враќаат двата гола на Кил и со погодокот на Дибиров од контра-напад поведуваат со 20:17 во 40 минута. Најдобриот гол на мечот ќе биде сигурно за Дибиров, ако не и во оваа четвртфинална рунда, кој успеа со своите атрактивни потези да го совлада Ландин и да донесе најголеми четири гола разлика (21:17), што беше повод за Гисласон да побара минута одмор. После тајмаутот, Кил успева да направи серија од 0:3 и повторно да се доближи до само еден (21:10) беше во 45 минута од дуелот. Борозан денес го “изрешета“ голот на Кил и повторно со удар кој не го брани ниеден голман, не одлепува на 23:20. Продолжија возбудувањата и неизвесноста околу конечниот патник во Келн. Фереира промаши, односно Ландин одбрани, а Винцек на спротивната страна врати за еден гол негатива (24:24) на седум минути пред крајот. При резултат 26:25, противникот имаше одлична можност да израмни, откако се создаде ситуација за нивното крило, но Штербик го скроти ударот, додека во следниот напад погодуваме за 27:25. На крајот голема радост за црвено-црните, мечот заврши со триумф на Кил од 27:28, но поради еден гол повеќе постигнат на гостински терен, Вардар ќе игра на завршниот турнир.
Штербик го заврши мечот со 16 одбрани. Борозан беше најефикасен со 6 голови, додека Циндриќ постигна 5.