Екипата на РК Кале од Кичево е освојувач во женскиот дел на “Јуниор“ лигата, кај генерацијата родени 2006/07 година. Тие во големото финале ја совладаа екипата на Делчево-Вардар, со резултат 16:12, додека третото место е за девојките од Опш.Кисела Вода.
Откако Кале дојде до предност од 2:0 и 3:1, успеа екипата на Делчево со два гола во серија да го израмни резултатот на 3:3. Сепак од тие моменти следи серија за девојките од Кичево од три последователни голови, за прв пат на мечот да имаат предност од 6:3. До крајот на првиот дел успеаа да го зголемат водството и на одмор да се замине со резултат 9:5.
На стартот од вториот дел, Кале- Кичево го “скрши“ резултатот кога со два последователни голови зголеми на 11:5. Ова беше највисоката предност во текот на мечот, а во продолжение од дуелот, Делчево успеа да ја преполови негативата до три гола разлика (14:11), но немаше многу време за поголеми возбудувања. Екипата на Кале на крајот триумфираше со резултат 16:12 и заслужено го освои првото место во оваа возрасна категорија.
Во дуелот за “бронза“ до истата стигна екипата на РК Општина Кисела Вода Вардар која во “малото финале“ го совлада тимот на РК Нова Лисиче Вардар со резултат 11-5 (4-3). Бронзениот тим отвори со почетни 3-0 на овој натпревар и најави дека ќе оди на победа и обезбедување на бронзените медали. До крајот на првиот дел девојките од Ново Лисиче успеаа да ја намат предноста и да заминат на одмор со минимална негатива од еден гол. На одморот на семафорот в “Кале“ стоеше 4-3 за Кисела Вода.
Вториот дел почна идентично со серија на екипата на Кисела Вода која се одлепи на 7-4 на самиот почеток. Нивниот тим играше подобро и во вториот дел и заслужено дојде до треттото место во женска конкуренцција во генерација родени 2006 и 2007 кај дамите. Тие на крајот победија со шест гола предност односно со резултат 11-5.