Thursday ,28 March 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Филип Арсовски “најдоминантен“ тренер во Вардаровите младински категории (петлиња)
Филип Арсовски “најдоминантен“ тренер во Вардаровите младински категории (петлиња)

Филип Арсовски “најдоминантен“ тренер во Вардаровите младински категории (петлиња)

Генерацијата родени “2004“ година ја одбележаа сезоната во младинските категории на фудбалскиот клуб Вардар. Оваа генерација предводена од тренерот Филип Арсовски беше на прагот да направи нешто невидено и двете екипи да играат во меѓусебно финале на детската лига. Како што е познато се натпреварувавме со две екипи, кои беа најдобри во своите групи од регуларниот дел на детската лига. Само за потсетување двата тима на Арсовски за цела сезона имаа доживеано само три порази и речиси 40 победи, што говори за супериорноста на оваа генерација. Залужено стратегот на оваа генерација, Филип Арсовски го зазема местото на најдоминантен тренер во малдинските категории (петлиња) со кој направивме интервју.

-Најпрво би сакал да им честитам на моите фудбалери за сиот свој придонес кој го дадоа оваа сезона да биде успешна. Оваа генерација родени 2004 година со кои сум заедно повеќе од 3 години веќе има поминато неколку селекции , и со оглед на тоа дека се работи за квалитетни и талентирани момчиња заради поголема минутажа во Детската лига се натпреварувавме во две екипи со различни ротации во Вардар 1 и Вардар 2. Примарна цел во оваа возрасна категорија беше да се наметне еден стил препознатлив на игра , преку еден модерен , допадлив и динамичен фудбал , додека резултатите беа ставени во втор план . Сепак со добрите игри кои ги прикажувавме , формата и самодовербата одеа во нагорна линија , а со тоа нормално и резултатите не изостанаа .

Во елиминацискиот дел на детската лига влеговме доста мотивирано, желбата за победа кај овие момчиња беше голема а улогата на фаворит ја оправдавме во целост. Вардар (1) и Вардар (2) со по две победи и тоа убедливи без никаква неизвесност за конечниот победник успеа да се пласираат на завршниот турнир во ова натпреварување. Таму малку недостасуваше да се случи Вардарово финале, но Брегалница од Штип беше посреќна во пенал рулетот и спречи целосна доминација на црвено-црните.

-Со тотална доминација во текот на целото првенство, продолживме и во нокаут фазата на разигрување за скопско -кумановски регион каде успеавме резултатски да обезбедиме пласман на завршен турнир за шампион на Македонија. Она што го зацртавме како цел на почетокот на сезоната го исполнивме, двете наши екипи се пласираа меѓу осум најдобри екипи во Македонија. Иако бевме во ситуација уште првиот ден од завршниот турнир да обезбедиме “вардарово „ финале , не успеавме. По воведните победи против Ак.Пандев и Велешта , Вардар (1) немаше среќа по изведувањето на пеналите против штипска Брегалница , додека Вардар (2) преку победата над Дарданет обезбеди финале .

На последниот ден беа одиграни финалните и оние мечеви во борба за третото место. Таму Вардар (2) беше супериорен во дуелот со својот противник докажувајќи дека мечот со Брегалница можеби не беше добар ден за овие момчиња, кои до врв ја наполнија мрежата на Дарданет. Во големото финале Вардар(2) не и дозволи на Брегалница многу да се изнаигра. Со константен притисок на противничката половина и целосна офанзива што ја спроведе тренерот Арсовски, неговите играчи излегоа заслужено како победник во големото финале, освојувајќи го на тој начин трофејот.  Поединечни награди имаше и за момците од оваа генерација. Јунакот Васко Василев беше избран за најдобар голман, додека Георг Стојановски го понесе признанието за најдобар стрелец.

-Вардар 2 ги поправи своите соиграчи од Вардар 1 и во еден одлично одигран финален натпревар ја победивме Брегалница, при што Фк Вардар стана шампион на Македонија во категорија родени “2004“ година. Двете екипни признанија, како и индивидуалните награди говорат за безпоштедната и посветена работа на овие момци во изминатиот период. Како што кажав и претходно се работи за одлично селектирана генерација, со голем фонд на квалитетни и талентирани фудбалери и воопшто не сум изненаден од крајниот епилог од ова натпреварување. Со оглед на тоа дека секогаш сум спремен на осцилации во играта во оваа фаза од фудбалскиот развој, сепак имавме одлична статистика на овие завршни натпревари . Одигравме 10 натпревари на кои остваривме осум победи, две нерешени и ниеден пораз, постигнавме 34, а примивме само 5 гола.

Чест и задоволство е на секој тренер да работи со вакви талентирани, но и вредни момчиња, кои оставаат срце на терен и безштедно се борат за секоја топка на теренот. Затоа и резултатите на крајот од сезоната беа забележителни и сосема заслужени.

-Задоволен сум од она што го прикажавме и како се преставивме оваа сезона во детската лига, како колективно така и на индивидуален план. Во оваа осетлива фаза на адолесценција која е многу битна во развојот на еден млад фудбалер, кај овие момци може да се забележи голем напредок и многу позитивни промени. Обврска на секој тренер е позитивно да влијае во изградбата на правилна личност , како на фудбалски така и на социјален план. Долго време сме заедно и момците ја имаат мојата подршка и сигурен сум дека сме на добар пат да имаме уште поголем напредок гледано од различни аспекти .

Имавме и настапи на младинските турнири. Најпрво беше освоен “Ферплеј куп“ во Охрид, каде тројца наши играчи земаат поединечни награди. Најголем предизвик за нашите млади надежи и за тоа до каде се можностите на оваа генерација беше пресилниот меѓународен турнир во Бугарија, на “Балканика куп“. Таму ги замолкнавме Бугарските медиуми и познавачи на младинскиот фудбал, дека Вардар не е дојден само да учествува, туку и да биде пред најсилните Бугарски екипи. Тоа и на крајот се случи. Во полуфиналето беше “прегазен“ Левски (3:0), додека во големото финале ја преслушавме и ЦСКА Софија (1:0). Повторно наградите ги собраа нашите играчи. Тасев најдобар голман, Стојановски најефикасен играч.

-Оваа сезона ја започнавме со меѓународните турнири во Охрид и Благоевград , во втората половина земавме свое учество на Балканика куп- Сандански и Евима куп-Банско. Имавме можност на сите турнири да се надигруваме и да бидеме рамноправен противник, прикажувајќи одличен фудбал и позитивни резултати против екипи од Балканот,од рангот на Црвена Звезда , Цска Софија , Левски , Ботев Пловдив .

Постигнатите резултати во текот на целата сезона ни даваат за право да ја прогласиме оваа генерација како најуспешна за натпреварувачката сезона 2015/16. Заслугата за постигнатото е подеднаква на сите играчи кои беа дел од генерацијата под водство на тренерот Филип Арсовски.

-Кога ќе се сумира се она што го одработивме во изминатиов период, јас како тренер морам да бидам задоволен од сето она што беше постигнато во оваа сезона, која беше доста напорна , исполнета со многу меѓународни натпревари, учество во детската лига, како и Вардар јуниор лигата . Целата заслуга за одличните резултати и победите оваа сезона им се препишува на овие мали „професионалци “. Заедно со овие момчиња со напорна работа овие некоку години создадовме одлична атмосфера во екипата. Токму таа позитива, единство, другарство и подршка ја краси нашата генерација и секако тоа е предуслов за успех. Ние сме една фудбалска фамилија. Нормално задоволството од постигнатото владее меѓу нив, но сепак скромноста е јака страна кај овие момчиња. После сите успеси останаа присебни и иако се многу млади веќе се свесни дека има уште многу работа, долг и трнлив е патот до она што сите го посакуваме, а тоа е да прераснат во врвни фудбалери .

Паралено со настапите во детската лига и одиграните турнири се натпреварувавме и во “Јуниор“ лигата, каде остваривме исто така голем број на победи. Оваа лига ги даде и првите резултати, неколку деца веќе се дел од младинските категории на Вардар. Таков е случајот со браќата Софијаноски кои ќе настапуваат за генерација “2004“.

-“Вардар Јуниор“ лигата е од големо значење за Фк Вардар, а воедно и за целиот младински фудбал во Македонија. Талентираните фудбалерчиња ќе бидат навремено вклучени во организиран тренажен процес со што позитивно би се влијаело на нивниот фудбалски развој. “Јуниор лигата“ одлично функционира и веќе дава резултати. Неколку дечиња од регионалните школи ќе бидат приклучени во генерација 2004 година, изјави Филип Арсовски за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски