Вардар не успеа со поволен резултат да се врати од гостувањето во Ереван, на првиот дуел од 1. квалификациско коло против екипата на Пјуник. Црвено-црните за недела дена на арената “Филип Втори“ ќе имаат задача да ја анулираат оваа негатива, ако сакаат да се пласираа во следната рунда. После завршување на натпреварот, шефот на стручниот штаб на Вардар, Бобан Бабунски истакна дека очекувал тежок натпрева, со надеж дека на реваншот неговиот тим ќе прикаже подобра игра.
-Знаевме дека ќе биде тешко, знаевме дека нè чека тешка задача, и така се покажа. Ова е само прв дел од овој двомеч. Се надевам дека во Скопје ќе се покажаме во подобро издание. Шансите и натаму се присутни, нема да се предадеме, ќе се обидеме добро да се подготвиме за реваншот и нормално посакувам резултат кој ќе нè однесе во следната рунда. На крајот честитки до Пјуник за победата.
Бабунски исто така се надева дека ќе може да смета на Барсегјан, кој доживеа мала повреда на денешниот меч.
-Барсегјан во текот на мечот истрча многу, и мислам дека според она што првично го знаеме повредата не е сериозна и ќе биде подготвен за вториот меч. Што се однесува до пеналот, немав добар поглед од клупата. Судијата донесе одлука и да му даде жолт картон, и ние мораме да ја почитуваме. Меѓутоа ќе погледнеме на снимката што се случи во таа ситауција. Засега не можам ништо со сигурност да кажам.