Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Александар Бајевски за Вардар Фанс: Верувам дека оваа екипа на Вардар е квалитетна да не израдува и против Копенхаген
Александар Бајевски за Вардар Фанс: Верувам дека оваа екипа на Вардар е квалитетна да не израдува и против Копенхаген

Александар Бајевски за Вардар Фанс: Верувам дека оваа екипа на Вардар е квалитетна да не израдува и против Копенхаген

Нашиот фудбалски шампион се пласираше во третото квалификациско коло од лигата на шампионите, откако беше подобар во двомечот со екипата на Малме. Со вкупен резултат од 4-2, момците на Гоце Седлоски ја поминаа првата пречка во овој дел од најголемото натпреварување и во следната рунда ќе играат против екипата на Копенхаген од Данска. За импресиите од реваншот против Малме кој се играше на стадионот “Младост„ во Струмица може да прочитате од анализата на Александар Бајевски, кој за нашиот сајт ги сподели впечатоците од триумфот против шампионот на Шведска и за очекувањата за следниот противник на Вардар во лигата на шампионите. Бајевски е поранешен играч и легенда на ФК Вардар, а моментално работи во клубот како скаут на младинската школа на Вардар.

-Одигравме тежок меч против Малме, каде заслужено одиме во третото квалификациско коло. Натпреварот беше тежок од психолошки аспект за играчите, бидејќи Вардар не играше на домашен терен, каде сигурно ќе имаше поддршка од околу 20.000 навивачи на арената “Филип втори„ .Вака ги бодреа 2.000 фантастични Комити, кои покажаа уште еднаш како се сака клубот.

Бајевски ги наведе клучните моменти за резултатскиот пресврт кој се случи во второто полувреме, каде црвено-црните се враќаа од негатива и постигнаа три гола во противничката мрежа.

-На реваншот со Малме видовме две различни полувремиња. Првото во кое Вардар одигра резервирано и второто со маестрална игра на составот кој беше на терен. Влегувањето на Дејан Блажевски внесе многу живост во играта и тука мислам дека се случи пресвртот, каде Вардар беше многу поопасен и поконкретен. Како еден од пресудните моменти е сигурно голот на капитенот, Бобан Грнчаров. После тој погодок беше многу полесно да се игра и на нашите играчи им се врати самодовербата и почнаа да играат многу подобро.

Може да се каже дека имавме и среќа, во моментите кога Малме имаше водство од 0-1 и пропушти голема шанса од непосредна близина да го совлада Гачевски, но за наша среќа топката заврши далеку од нашиот гол.

-На полувремето искрено верував дека можеме да постигнеме гол и да се вратиме во игра. Едноставно имавме и среќа, во некои моменти каде противникот не ги искористи своите шанси, при нивно водство од 0-1. Сепак за наша среќа ние ги претворивме во реализација, дадовме два брзи гола, на крај уште еден и заслужено се пласиравме во следната рунда.

Копенхаген е следен противник за Вардарци, во третото квалификациско коло. Се работи за шампион на Данска, екипа која последниве неколку години доминира во својата земја.

-Сега одиме на Копенхаген во третото квалификациско коло. Искрено не сум многу запознаен со моменталниот состав на овој тим. Според информациите кои ги добивам од мои пријатели во Данска е дека се работи за една одлична екипа, која игра напаѓачки фудбал и мислам дека е подобра од Малме. Мала среќна околност за нас е дека имаат продадено 3 играчи минатиот месец и сигурно се малку ослабени, затоа што нивните замени сеуште не се воиграни со остатокот од тимот.

Нашиот следен противник во второто квалификациско коло ја помина екипата на Жилина. Иако имаа добра предност од првиот натпревар одигран во Словачка, синоќа екипата на Копенхаген се намачи да обезбеди пласман во следната рунда, откако го загуби дуелот пред својата публика со резултат 1-2.

-Првиот натпревар го добија со Жилина на гостински терен, со резултат 1-3, што говори дека играат добро и на терен на противникот. Пред своите навивачи загубија со 1-2, но се пласираа во следната фаза. Тоа значи дека не се неранливи и дека можеме да им ги “поматиме„ сметките. Според мене, Копенхаген е фаворит, но мислам дека нашите момци можат да одиграат добро и на овој двомеч. Бидејќи сега го играме првиот натпревар на арената “Филип Втори“, треба да извадиме поволен резултат, доколку сакаме да имаме шанси на реваншот во Данска.

Бајевски верува дека овој состав на Вардар е квалитен да се спротивстави и на Данците и да се пласираме во следната рунда, што во најмала рака ќе носи пласман во групната фаза од лигата на Европа.

-Имаат некои слаби страни и се надевам дека нашите играчи ќе ги искористат нивните слабости. На градскиот стадион пред преполната арена ќе ги чека вистински пекол .Искрено верувам дека оваа екипа на Вардар е кадарна да не израдува уште еднаш и посакувам од се срце да се радуваме и против Копенхаген.

Звонко Ивановски

Фото: Кочо Сотировски