Фудбалскиот клуб Вардар ги одреди цените на билетите за натпреварот на домашен терен против екипата на Копенхаген. Знаеме дека има промена во термините на одигрување натпревари, така првиот меч се игра на арената “Филип Втори„ на 25-ти јули (вторник) со почеток од 20 часот. УЕФА даде зелено светло натпреварот да го играме во Скопје, но сега првиот меч ќе се одигра на градскиот стадион, а не како што беше првично, дека реванш дуелот ќе се игра на теренот на Вардар. Реваншот е на 2-ри август на стадионот “Телиа Паркен„ со почеток исто од 20 часот.
Клубот веќе ги одреди цените на билетите за мечот, кој ќе се игра на арената “Филип Втори“, а тие се многу пониски за разлика од првиот дуел со Малме. Истите ќе чинат 300 денари за на јужната трибина и 200 денари за на запад. Северната и источната трибина ќе бидат затворени, поради подготовка за супер купот на Европа, кој треба да се одигра на 8-ми август. Дополнително, Вардар ќе одреди кога ќе бидат пуштени билетите за овој натпревар на црвено-црните и ред други дополнителни информации поврзани со првиот натпревар против Копенхаген.