Одлична вест денеска пристигна од таборот на ”црвено – црните”. Ерменскиот интернационалец Тигран Барсегјан и официјално стана нов член на шампионот на Македонија. Барсегјан во редовите на нашиот тим пристигна на подготовките во Австрија, каде на пријателскиот натпревар против Јагелонија постигна велемајсторски погодок со лоб удар. По тој натпревар стана јасно дека се работи за екстра играч кој ќе биде големо засилување за Вардар.
По речиси еден месец чекање, Барсегјан конечно денеска стави потпис на договор со нашиот тим во важност од една година. Барсегјан настапува на левата и на десната крилна позиција, и со сигурност ќе биде големо засилување за Седлоски во походот кон одбраната на титулата и напад на Купот на Македонија. Инаку, Барсегјан има 22 години, досега има одиграно три натпревари за А – селекцијата на Ерменија, и постигнато еден погодок.
Добредојде во ”црвено – црниот” табор за Тигран Барсегјан.