Вардар ја забележа првата победа во новата сезона. Попладнево “црвено – црните” со минимални 0:1 (0:0) славеа на гостувањето во Тетово кај тимот на Ренова. Голот за Вардарци на овој дуел вреден три бода го постигна Тигран Барсегјан по асистенција на Коста Манев во вториот дел. Во следното коло Вардар на домашен терен ја пречекува екипата на Македонија ЃП.
Ренова и Вардар по првиот дел играа со непопуларен резултат 0:0. Откако дојде сликата од Тетово, некаде по 31. минута, па се до крајот на првиот дел видовме неколку во серија корнери на нашиот тим и два удари на Попов од прекини од преку 30. метри. Едниот заврши само во еден од играчите на Ренова во живиот sид, додека пак вториот во 45. минута беше одличен силен удар по земја, кој Кобетиќ со крајни напори го скроти и изби во корнер за нашиот тим.
Во вториот дел, во 52. минута Матеј Цветаноски имаше добра шанса, но биеше од 20-сетина метри само над голот на Кобетиќ и пропадна шансата. Во 54. минута пак, по една голема грешка на Манев, еден играч на домаќините од само пет метри биеше силно, а Гачевски одлично одбрани и спаси чист гол на противникот. Во 70. минута кај нашиот тим беше извршена првата замена, на местото на Јуфо во игра влезе Талески. Во продолжението од мечот резултатот се смени, во 75. минута Манев одлично му асистираше на Барсегјан кој беше осамен и од 15-сетина метри пласираше убаво во долниот лев агол од голот на Кобетиќ за водство на Вардар од 0:1. Во продолжението од мечот беше извршена и втората замена во нашиот тим, излезе Битанг кој имаше жолт картон, а во игра влезе Филип Најдовски. По голот, Ренова почна да напаѓа, додека пак Вардар го чуваше резултатот и од контри се обидуваше да стигне ако е можно и до втор погодок. Во 86. минута во игра влезе и Попзлатанов на местото на Лира. До крајот на дуелот немаше некој посериозни шанси на двете страни, па така со резултат 0:1 заврши денешниот дуел и Вардар освои три бода.