Вардар загуби на гостувањето во Русија, кај екипата на Зенит, минимално со 2:1. Црвено-црните го доживеа својот петти пораз, но сигурно дека го одиграа најдобриот натпревар во групната фаза од ЛЕ. Ова беше втор гол за Вардар во групната фаза, дело на Дејан Блажески, кој постигна одличен гол со волеј удар, по нафрлена топка директно од корнер на Фелипе.Популарниот “Шиле“ во изјава за официјалната страна на клубот истакна дека е среќен за постигнатиот гол.
-Нормално дека сум среќен за голот, а ќе бев уште посреќен мојот гол да донесеше барем бод. За жал тој погодок дојде доцна во финишот на натпреварот, и тој гол на некој начин беше награда за нашата добра игра во второто полувреме. Во секој случај сметам дека не се посрамотивме, дека се прикажавме во добро светло и достојно го презентиравме клубот на овој натпревар. Останува само против Розенборг да дадеме се од себе да дојдеме до првите бодови во групата, а ќе беше убаво доколку и синоќа успеевме да освоиме барем еден бод. Што е тука е, одиме понатаму, се фокусираме кон натпреварот со Академија Пандев“, вели стрелецот на единствениот гол во Санкт Петербург.
Нема многу одмор за Вардарци, кои веќе утре ги очекува нов натпревар во рамките на ПМФЛ, против екипата на Академија Пандев.
-Немавме време за одмор, само што се вративме од Санкт Петербург веднаш почнавме да се подготвуваме за натпреварот со Академија Пандев и неколку часа по пристигнувањето од Русија, имавме тренинг. Одиме во Струмица на победа, а играме со квалитетен противник кој што е состав со искусни и со млади играчи. Ќе биде тешко, овие натпревари во Лигата на Европа ни трошат многу сила, но ќе мора да одиме да ги освоиме бодовите да останеме во игра за првото место на табелата. Очекувам да се преставиме во добро издание, да дадеме максимум и да победиме.