Friday ,13 December 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Пионерските екипи го задржаа врвот, кадетите и младинците врзаа по две победи
Пионерските екипи го задржаа врвот, кадетите и младинците врзаа по две победи

Пионерските екипи го задржаа врвот, кадетите и младинците врзаа по две победи

Нови четири победи за младинските екипи на ФК Вардар, кои имаа успешно и второ пролетно коло. Нашите генерации беа подобри во дуелите со екипата на Брегалница.

Помладите пионери дојдоа до големи три бода на гостувањето во Штип и ја задржаа првата позиција на табелата. Живков и Давидовски беа играчите кои донесоа триумф на ова незгодно гостување кај Брегалница. Избраниците на Деспотовски ја остварија посакуваната цел на стартот од пролетниот дел, да слават на првите два меча, во пресрет на големото дерби против екипата на Победа, која исто така беше убедлива во 16.коло откако на домашен терен ја совлада во дербито екипата на Шкендија (5:1) и најави дека претстојниов викенд во Скопје ќе гледаме интересен меч во борбата за титулата. Вардар и Победа имаат по 35 освоени бодови и се одалечија на табелата од екипата на Работнички, која имаше нов „кикс“ во ова коло играјќи со нерешен резултат (1:1) на гостувањето кај екипата на Шкупи.

Две победи во пролетниот дел и за пионерите на Кралевски, кои исто така се лидери во рамките на пионерската – супер лига. Салиу и Гугуњанов се погрижија за триумф на гостувањето кај Брегалница, оправдувајќи ја на тој начин фаворитската улога. Поразот на Работнички од Шкупи во ова коло, значеше зголемување на разликата од пет бодови во корист на Вардар, исто толку имаме и пред екипата на Академија Пандев, која пак триумфираше во ова коло против екипата на Ренова.

Пофалби за кадетите, пред се за нивниот нов тренер, „Чунга Лунга“ кој веќе врза две последователени победи и се искачи на шесттото место на табелата. Само за потсетување, оваа генерација на Вардар во есенскиот дел на 14 одиграни натпревари имаше само 4 победи, а веќе успеа на стартот од пролетниот дел под водство на Петрески да забележи два триумфи, па очигледно кај играчите влијаеше тренерската промена. Кадетите иако минимално (1:0) со голот на Манасиевски, заслужија многу повисока победа, според начинот на игра и поседот на топка.

Втора победа и за Рап-Тап како тренер на младинците во пролетниот дел. Се она што не му успеваше на Вардар во првиот дел, кога промаши голем број на прилики, им тргна од рака во второто полувреме кога до врв ја наполнија мрежата на штипјани (9:0). Ѓорѓиески постигна хет-трик, а се прослави и Омерагиќ кој откако влезе од клупата постигна два гола, додека по еден гол беа дело на Велковски, Божиноски, Мустафа и Величковиќ. Сепак Шкендија е неприкосновена, која и по ова коло остана со максимален број на освоени бодови откако на домашен терен ја „растури“ Победа со резултат 11:0.

Во следното 17.коло, пионерските екипи се домаќини на Победа, додека кадетите и младинците ќе гостуваат во Прилеп.