После победите против екипата на Милано, генерациите на ФК Вардар родени “2003 и “2004“ година ги очекуваат нови предизвици во рамките на регионалната – скопска лига. Утре на теренот на Академијата ќе гостува екипата на Шкендија од Тетово.
Генерацијата “2004“ на Вардар по 13 одиграни кола има исто толку победи и убедливо се наоѓа на првото место на табелата, кое тешко дека некој до крајот на сезоната може да го загрози. После вчерашниот триумф против екипата на Милано, која беше второпласирана, разликата помеѓу овие две екипи е дури десет бодови во корист на Вардар, кои имаат и натпревар помалку за одигрување. Во оваа генерација, Шкендија слабо котира и се наоѓа на петтото место на табелата и воопшто не претставува опасност за црвено-црните, што се однесува до борбата за трофејот. Првиот натпревар во есенскиот дел, според распоредот требаше да се одигра во Тетово, но со договор на двете екипи, истиот беше одигран на теренот на Академијата и заврши со минимален триумф на Вардар од 0:1, а голот беше дело на Никола Павлески. Натпреварот утре стартува од 10:00 часот.
Многу поинтересно се очекува да биде на натпреварот помеѓу овие екипи, кај генерацијата родени “2003“ година, каде Вардар и Шкендија се во директна борба за титулата. Овој натпревар може да реши многу работи, со оглед дека Вардар има бод предност и натпревар помалку за одигрување од тетовската екипа. Првиот дуел кој исто така го одигравме во Скопје ( а требаше во Тетово), заврши со триумф на противникот од 1:2 и тоа беше единствениот пораз кој го доживеаа избраниците на “Чунга Лунга“ во текот на оваа натпреварувачка сезона. На тој меч, Шкендија имаше предност од 0:1, за Вардар да израмни на 1:1 со голот на Дарко Младеновиќ, но кратко траеше нашата радост, кога после само неколку минути беше досуден пенал за противникот, кој беше успешно реализиран. Сепак подоцна, Вардар успеа истиов противник да го елиминира во четврфиналето на купот, откако на истиов терен славевме со резултат 3:1, додека на гостувањето во Тетово одигравме без голови. Мечот кај оваа генерација е закажан во терминот од 12:00 часот.