Денес на терените на ФФМ, своето 4 коло од детската лига го одигра генерацијата на ФК Вардар родени “2008„ година. Избраниците на Миле Крстев стигнаа до две нови убедливи победи во лигата.
Вардар (1) успеа да го добие дуелот против екипата на Скупи, со конечен резултат од 9:2. Уште од стартот на мечот, црвено-црните тргнаа офанзивно кон голот на противникот, а прв кој имаше директен удар беше Ненад Дамјаноски, но голманот на Скупи спречи рана негатива. Сепак брзо дојде отварање на резултатот, кога токму со голот на Дамјаноски успеваме да поведеме со 1:0, а за наша несреќа истиов играч си постигна и автогол после едно недоразбирање со голманот Грчевски, па така резултатот беше израмнет на 1:1. Примениот гол не смени ништо кај избраниците на Крстев, кои продолжија со својата офанзивна и доминантна игра. Се редеа шансите пред голот на противникот, а обиди имаше Азизи, кои голманот на Скупи ги одбрани, а исто така се закани и противникот во два наврати, но успешно одбрани нашиот голман, Лука Грчевски. Азизи од игра упати силен удар, кој заврши само во пречката, а прашање беше кога ќе видиме нов гол на мечот. Евро гол на Коста Бошковски, за да ја вратиме предноста од 2:1, силен удар на нашиот играч кој заврши во мрежата. До крајот на првиот дел уште еден гол во мрежата на Скупи, дело на Арти Азизи, со кој зголемивме на 3:1, а обид од прекин имаше и Матеј Киш, но топката заврши во рацете на голманот. Со резултат од 3:1 се замина на краток одмор.
Првата прилика во вториот дел ја имаше Стефан Бранковски, но одбрани голманот на Скупи. И во овој дел од мечот, Вардар беше далеку поактивен на теренот и постојано креираше шанси за погодок. Во листата на стрелци успева да се запише Лука Трпевски, за зголемено водство од 4:1. Врати противникот со гол од прекин, иако Грчевски ја зафати топката, тоа не беше доволно за да не заврши во мрежата, за намалување на 4:2. Следеа минути кога два обиди имаше Арти Азизи, во првиот бие покрај голот, додека во вториот одбрани противничкиот голман. Одлична прилика имавме кога нафрли Азизи до Бранковски, овој со глава бие за малку покрај голот. “Петарда“ во мрежата на Скуп, со нов гол на Арти Азизи, откако од корнер нафрли Киш, за водство од 5:2. Откако противникот направи три корни, беше досуден пенал за екипата на Вардар. Шанса да ја затресе мрежата доби и голманот Лука Грчевски, кој погодува и носи предност на црвено-црните од 6:2. Најубавиот гол на мечот можеби беше дело на Ненад Дамјаноски кој ја предрибла скоро цела екипа на Скупи и ја вметна топката во мрежата, за високи 7:2. До крајот на мечот уште два гола за екипата на Вардар. Најпрво со нов погодок на Арти Азизи зголемивме на 8:2 после нафрлена топка од Бошковски, додека конечниот резултат од 9:2 беше дело на Матеј Киш од пенал.
Голема победа и за екипата на Вардар (2) кој успеа да го победи тимот од Чаир. Дуелот против Шкупи започна со наша иницијатива, веднаш отворивме преку Петар Блажевски кој погоди за 0-1. Веднаш потоа се заканија сино-белите, нашиот голман Дарко Јовчев одлично одбрани. Имавме постојана иницијатива, прилика за гол пропушти Стефан Марковски кој шутна крај голот. Стапи на сцена Горазд Филипоски кој со евро-гол од 20сетина метри зголеми на 2-0, по што следеше балго опуштање на црвено-црните што беше казнето со гол за 2-1. Момците на Крстев не се помирија со тоа веднаш тргнаа во офанзива, играа одлично, креативно тоа донесе два убави гола за нова предност. Најпрвин за 3-1 погоди Марко Шотаровски, а на 4-1 зголеми Бојан Пешов. До крајот на првиот дел ја контолиравме играта во целост тоа беше наградено со гол во финишот за 5-1, резултат со кој се замина на пауза. Овој гол го постигна Марко Шотаровски, тоа беше негов втор погодок во првиот период на оваа средба.
Вториот дел почна со голема шанса на Павел Андов, сепак голманот на Шкупи беше присебен и исфрли во корнер. Голманот на сино-белите беше поуспешен и од Петар Блажевски. Двете промашувања беа казнени со гол за 5-2, Шкупи имаше прилика уште да се доближи, но промашија пенал потоа. Петар Јаковчевски ја имаше топката, силно шутна од дистанца и атрактивно погоди за 6-2. Нашиот голман Дарко Јовчев повторно имаше блескава интервенција. До крајот лесно го спорведувме дуелот до триумф, додатно погодивме уште два пати. Момците во црвено-црно денес играа сосема одлично, креативно, што беше пофалено и од нивниот тренер. Павел Аднов погоди за 7-2, а конечните 8-2 на оваа средба ги постави Филип Сребров.