Денес на теренот на академијата се одиграа полуфиналните натпревари, кај генерацијата родени “2004“ година, во скопско-кумановскиот регион. Двете екипи на ФК Вардар ја поминаа и последната пречка, совладувајќи ги денешните противници, по што обезбедија пласман на завршниот турнир во детската лига. Воедно тие се најдобрите две екипи во овој регион за оваа сезона.
Најпрво на теренот излегоа екипите на Вардар (2) и Кул Здравје. Мечот убедливо им припадна на црвено-црните кои славеа со резултат 9:1. Уште од првите минути се виде дека Вардар е поквалитетната екипа, а прв кој имаше удар кон противничкиот гол беше Огнен Здравковски. Набргу започна голеадата, а неа прв ја отвори Георг Стојановски, кој го отвара резултатот на 1:0. На голот претходеше, акција во која Марио Ричков ја погоди пречката од голот на Кул. На вториот гол не се чекаше многу време, кога истиов играч зголеми на 2:0 и тоа на нафрлена топка од корнер. Во прва шанса се најде и Горазд Попов, кој бие над противничкиот гол. Исто обид, но над голот имаше и Здравковски. Доминацијата на Вардар во текот на целиот меч, постојано вродуваше со шанси, при една таква, каде како асистент беше Ричков, Сандро Каровски погоди за 3:0. До крајот на првиот дел, хет-трик за Георг Стојановски, кој го зголемува резултатот на 4:0. Со овој резултат се замина на полувреме.
На стартот на вториот дел, повторно во улога Стојановски, кој носи предност на црвено-црните од 5:0. Кул успева да постигне почесен гол и да го намали резултатот на 5:1. Тоа беше се што стори противничката екипа, бидејќи до крајот на натпреварот следуваа уште четири голови во нивната мрежа. При еден прекршок во противничкиот шеснаесетник, судијата оправдано покажа на белата точка.
Сигурен реализатор беше Георг Стојановски, кој зголемува на 6:1. Имаше и Кул некои обиди, но нашиот голман, Стефан Тасев не дозволува да биде совладан. Повторно шанса имаше Попов, но голманот на Кул го брани ударот. Сепак Горазд Попов успеа да се запише во листата на стрелци и да зголеми на 7:1. Добра шанса имаше и Стојановски, но резултатот остана непроменет. Сепак до крајот на дуелот погодуваме, преку Каровски за 8:1 и Димитар Стоимов, за конечен резултат од 9:1.
Многу поинтересна беше другата полуфинална двојка, каде се сретнаа екипите на Вардар (1) и Шкупи. Овој дуел заврши со триумф на момците на Андовски, со конечни 6:3. Првиот директен удар кон противничкиот гол го имаше Никола Павлески, кој завршува во рцете на голманот. Веднаш после него се обиде и Марко Софијаноски, но топкат оди над голот. Следеше период каде Шкупи беше подобар на теренот и создаде неколку шанси. Сепак Васко Василев во тие моменти беше одличен на голот и спречуваше негатива. Можеше противникот да постигне гол, кога Василев испушти една топка, но напаѓачот на Шкупи биеше високо над голот. Се играше цврсто, но и многу борбено на двете страни. Повторно обид за Шкупи директно од слободен удар, но брани Василев. Уште еден удар кон нашиот гол, но без реализација. Кај Вардар по подолго време, удар упати Матео Софијаноски, но противничкиот чувар на мрежата не дозволува гол. Откако Вардар направи три корни беше покажано на белата точка, а противникот казнува за водство од 0:1. Сепак радоста нивна не траеше долго време, бидејќи Гуџуфи при еден продор се сам направи упати удар, кој заврши во голот на Шкупи, за израмнување на 1:1. Последната прилика во првиот дел ја имаше Теодор Перковски, која остана нереализирана. На полувреме резултатот беше 1:1.
Црвено-црните имаа одличен старт на вториот дел, каде набрзина успеваат да постигнат два гола во мрежата на Шкупи. Најпрво водство од 2:1 носи Марко Софијаноски, за веќе во следниот напад да погоди и разиграниот денес Гуџуфи, кој зголемува на 3:1. Кога се мислеше дека беше скрчен отпорот, така не мислеше и Шкупи, кој на ист начин за кратко време ги врати погодоците и израмни на 3:3, по што се почна од почеток. Слееше период од 15 минути, кога двете екипи се обидуваа а направат нешто, но како заморот да си го правеше своето.
Сепак повеќе сили во завршните десет минути имаше екипата на Вардар, која постигна дури три гола. Никола Павлески беше херојот на црвено-црните, кој со еден силен удар погодува за 4:3. Иако имавме водство, не застанавме и постојано бевме во атак, кон голот на Шкупи. Таквата игра на крај се покажа како добра. Неизвесноста ја отстрани, Стефан Стојановски, кој денес со својот прв гол зголеми на 5:3, додека точка на натпреварот стави извонредниот Гуџуфи за конечен резултат од 6:3
На овој начин двете екипи на Вардар, како единствени во оваа возрасна генерација обезбедија пласман на завршниот турнир во детската лига, кој на програмата е во среда и петок.