Двете екипи на Вардаровата генерација “2005“ ќе играат на завршниот турнир во детската фудбалска лига. Ова е епилогот од одиграните вечерашни натпревари во полуфиналето на скопско-кумановскиот регион, каде двете екипи на Игор Кралевски се единствени кои ќе играат на завршниот турнир.
Најпрво својот полуфинален натпревар го одигра екипата на Вардар (1) против Кул Здравје. Мечот заврши убедливо во корист на црвено-црните, со резултат 6:0. Од слободен удар првата прилика ја имаше Филип Јовановски, но голманот го брани неговиот удар. Сепак истиов играч успеа да погоди од белата точка, откако противникот направи три корни, сигурен реализатор е Јовановски за 1:0 Следеше период каде се играше без некоја шанса за погодок. Квалитетот дојде до израз, кога при една одлична акација, Величковски несебично додаде до Гаштаров, на кој не му беше тешко да ја смести топката во мрежата, за водство од 2:0.
Јовановски имаше можност уште во првото полувреме да ги реши сите работи околу конечниот победник, кога се сам направи се ослободи од голмананот, но изостана концентрацијата во завршниот удар. Последната шанса во првиот дел, ја имаше Матеј Николовски кој шутира, но од гол линијата спаси Кул. По истекот на првите 25 минути, резултатот беше 2:0.
Во вториот дел уште подобра игра на црвено-црните, кои постигнаа уште четири голови во мрежата на противникот. По една грешка на голманот, Величковски беше најумешен кој ја смести топката во голот, за веќе предност од 3:0. Вардар имаше целосна контрола на играта и не дозволуваше прилики кон нашиот гол. Во една акција, Кул имаше два обиди, од кои едниот го одбрани Василиј, за другиот удар да заврши покрај неговиот гол. Стигна и вториот гол на овој натпревар за Филип Јовановски, кој повторно ги искажува своите голгетерески способности и зголемува на 4:0 Се беше јасно во тој момент, но избраниците на Кралевски постигнаа уште два гола до крајот на мечот. Со првиот гол на Давор Серафимов зголемуваме на 5:0, за конечниот резултат од 6:0 да ги постави Никола Величковски.
Веднаш после нив, својот полуфинален натпревар го одиграа и Вардар (2), кој за противник го имаше тимот на Албион. Горјан Цетков денес беше одличен и постигна два гола. Тој ја имаше првата шанса на натпреварот, кога биеше од слободен удар, но голманот на Албион успешно одбрани. Се закани и противникот со удар, кој завршува над голот на Илиевски. Црвено-црните успеваат да го отворат резултатот, а стрелец на голот беше Влатко Кулуковски, за водство од 1:0. Имаше обид и капитенот Конески, но неговиот удар заврши покрај голот на Албион. Првото полувреме заврши со резултат 1:0.
Во второто полувреме, прва прилика имаше противничката екипа, која од слободен удар биеше покрај нашиот гол. Пред да стигнат завршните два гола, кај нас се обиде Пројкоски, но голманот го брани неговиот удар. Следните два гола беа од ударите од белата точка, а сигурен реализатор беше Горјан Цветков. Прво зголеми на 2:0, откако противникот направи три корни, за конечните 3:0 да бидат повторно негово дело од пенал, при претходно направен прекршок во противничкиот простор.
Голем успех за оваа надежна генерација на Вардар, која со двете екипи, како единствени од овој регион се пласираа на завршниот турнир, кој се игра во среда и петок.