Првото пролетно коло во регионалната-скопска лига го одиграа генерациите 2005 и 2006 на ФК Вардар. Нашите млади надежи во петокот гостуваа во Тетово, кај екипата на Шкендија, мечеви на кои имаа половичен успех.
Генерацијата 2006 после 15 одиграни натпревари го доживеа првиот пораз во лигата и тоа на гостувањето кај екипата на Шкендија, резултатот на дуелот гласеше 2:1 во корист на тетовскиот тим. И покрај поразот, Вардар остана лидер во лигата, со најголеми шанси на крајот од сезоната да го подигне трофејот. Вардарци имаат 42 освоени бодови и натпревар помалку од екипите на Шкендија и Шкупи, кои имаат 37, односно 36 бодови.
Голема победа во Тетово, оствари генерацијата 2005 на Вардар, која ги победи врсниците од Шкендија. Без примен и со два постигнати голови во противничката мрежа славевме на овој меч. Ова беше вкупно 13.триумф за црвено-црните кои останаа на првото место на табелата. Вардар има 39 бодови, додека на второто место е екипата на Кул со 35 бода и натпревар помалку за одигрување.
Во следното коло на регионалната-скопска лига, активна ќе биде само генерацијата 2006 на Вардар. Во сабота на теренот на Академијата ние сме домаќини на екипата на Македонија Ѓ.П, шанса да се вратиме на победите во лигата.