Вардар не успеа да освои бодови на гостувањето во Трондхајм, откако го загуби и вториот натпревар во групната фаза против екипата на Розенборг. Сепак ќе се сеќаваме на првиот гол во овој дел од натпреварувањето, како прв во историјата на клубот, а него го постигна бразилецот Фелипе. Тој за официјалната страна на клубот изјави дека Вардар бил рамноправен противник и дека очекува бодови во следните мечеви кои им ретстојат во групата.
-Одигравме добар натпревар против Розенборг. И покрај желбата за добар резултат, не успеавме. Игравме добро, бевме рамноправен противник, имавме и неколку шанси кои што не ги искористивме. Сега ни останува да мислиме за следните мечеви. Не чекаат уште четири тешки натпревари, но мораме да размислуваме позитивно и да почнеме да освојуваме бодови.
Голот на Фелипе беше вистинска мајсторија, каква што ретко се гледа на фудбалските терени. Фелипе вели дека му годи кога неговиот гол го споредуваат со играчи, ккао што е Марадона.
-Драго ми е за убавиот гол. На секој играч му е драго кога ќе постигне погодок, особено на вакви натпревари. Мене ми е мило поради тоа што за мојот гол го споредуваат со големи светски играчи како што е Марадона. Но, од друга страна несреќен сум што тој убав гол не донесе поволен резултат од ова гостување. Несреќен сум за поразот на тимот и се надевам дека ќе се подобриме резултатски на следните натпревари. Се согласувам со нашиот шеф на стручниот штаб Јаневски дека и неискуството е еден од факторите за поразот. Сепак, со овие натпревари го стекнуваме и тоа искуство, и се надеваме дека во идните мечеви ќе дојдат и бодовите и добрите резултати.