Филип Гачевски голманот на Вардар, во интервју за клубскиот сајт говореше за натпреварот против Силекс кој им престои на Вардарци. Гачевски истакна дека ќе се обидат да ја прекинат црната серија и да се вратат на победничките патеки.
„Анализиравме сето она што се случуваше на натпреварот со Работнички, разговаравме за грешките и се трудиме да не ги повториме. Поразите се дел од фудбалот, но ние мораме да се свртиме понатаму. Сега ни следува нов натпревар на кој што сме максимално фокусирани. Важно е побрзо да го отвориме резултатот, за да си ја олесниме работата. Но, Силекс е една цврста екипа која што игра добро особено во одбраната. Верувам во момците дека сите ќе го дадеме максимумот да дојдеме до победа, и да се вратиме на победничкиот пат“, вели Гачевски.
„Не смееме да мислиме дека ќе биде лесно, туку мораме уште од првата минута да тргнеме ангажирано, борбено и максимално. Не можам да ветам ништо освен дека ќе го дадеме максимум за да се вратиме на победите и да покажеме дека оној пораз од Работнички е зад нас. Еден пораз сигурно дека нема да ја расипе атмосферата и нашите планови. На секој натпревар одиме на победа, така ќе биде и во недела“, додаде чуварот на мрежата на нашата екипа.