Генерацијата 2006 на ФК Вардар ќе игра во големото финале на меѓународниот турнир „Гази Баба Куп“ кој изминативе денови се игра на неколку терени во Скопје.
Утрово на теренот во населбата Јане Сандански, избраниците на Филип Спасески по голема борба успеаа да го скршат отпорот на Шкендија и да ја совладаат минимално со резултат 1:0. Заслужена победа за нашите млади надежи кои имаа поголем дел од играта на теренот. Иако бевме ослабени за неиграњето на стоперите, Порчу и Јанкоски, во вториот дел дојде и до повреда на Миовски, се тоа го издржавме на теренот и славевме триумф, кој не однесе во големото финале.
Немаше многу шанси на овој полуфинален дуел, се играше цврсто на средината од теренот, приодите кон двата гола беа целосно затворени. Вардар имаше обид од слободен удар, се обиде Алији, но одбрани голман, од идентична позиција се обиде и екипата од Тетово, но и на нашиот гол сигурен беше Андреј Данстак. Во првиот дел видовме уште обид на Алији, кој бие крај голот, како и акцијата од левата страна, кога Ајетовиќ нафрли пресилно во противничкиот шеснаесетник, се обиде Николовски да стигне, до топката одеше силно. По првото полувреме, резултатот беше оној почетниот 0:0.
И во вториот дел видовме цврста игра, иако Вардар имаше повеќе од играта. Се обидувавме да го пробиеме „бинкерот“ на Шкендија и да постигнеме гол. Се обиде Ајетовиќ од прекин, но биеше за малку над голот. Се закани и противникот, но одбрани Данстак. Вардар успеа да постигне гол, кој на крајот се покажа како решавачки на овој дуел. Се играше акција од десната страна, кога Величковски продре, нафрли топка во противничкиот шеснаесетник која стигна до Ајетовиќ, овој упати од прва удар и ја погоди мрежата на Шкендија, за предност на Вардар од 1:0. До крајот на мечот немаше големи возбудувања, нашиот состав не дозволи некоја опасност по голот на Данстак. Беа направени и неколку измени во нашите редови. Во игра влегоа Илески, Цониќ и Танчев.
Финалето е закажано од 17:30 часот на истиот терен, ривал ќе ни биде екипата на Тиквеш од Кавадарци.
Вардар: Данстак, Николов, Ордевски, Спасовски, Ајетовиќ, Миовски, Нуредини, Величковски, Динов, Николовски, Алији.