Генерацијата на ФК Вардар родени 2005 година триумфираа во денешното коло од регионалната-скопска лига. Црвено-црните на теренот на Академијата утрово убедливо ја совладаа екипата на Форца, со конечни 7:1.
Тренерот Петковски стартуваше со следниве 11-сетмина: Илиевски, Јакимовски, Јовановски, Величковски (c), Гаштаров, Лефковски, Кулуковски, Таневски, Серафимов, Цветков, Галевски.
Филип Јовановски беше играчот кој уште во 12.минута од мечот донесе предност на Вардар од 1:0. До крајот на првото полувреме видовме уште по два гола, по еден во двете мрежи. Најпрво црвено-црните во 19 минута од мечот зголемија на 2:0 со голот на Никола Величковски, додека во Форца постигна гол и го намали резултатот на 2:1.
Сепак во вториот дел, вардарци ја наполнија мрежата на противникот и заслужено стигнаа до победата. Со вториот гол на капитенот Никола Величковски во 44 минута успеваме да поведеме со 3:1 и да ја вратиме разликата од два гола. Имавме целосна иницијатива во овој дел од мечот, а во листата на стрелци после само четири минути се запиша и Горјан Цветков, за веќе предност од 4:1. Во следниот период следат два гола на Тино Спасиќ и тоа само за две минути. Најпрво во 58, а потоа и во 60 минута од дуелот избраниците на Зоран Петковски веќе имаа водство од 6:1. До крајот на дуелот постигнавме уште еден гол во мрежата на Форца, истиот беше дело на нововлезениот Кристијан Антевски, за конечни 7:1 на овој дуел од регионалната-скопска лига.
Во игра на овој меч влегоа уште и Филевски, Ристовски, Спасиќ, Коловски, Калановски, Уневски и Антевски.