После две години играње во втората лига, ФК Вардар од следната сезона се враќа во ПМФЛ, откако попладнево во бараж натпреварот кој се одигра во Кавадарци со убедливи 3:0 го победи тимот на Скопје.
Грнчаров го започна овој натпревар со следните 11-сетмина: Гачевски, Серафимов, Вецески, Глишиќ (К), Мишковски, Николовски, Јусуфи, Десниќ. Размоски, Јаневски и Цветановски.
Вардар имаше целосна иницијатива во првото полувреме и штета што на одмор не замина со поголема позитива од еден гол. Се играше 3.минута од натпреварот кога после центар шут на Глишиќ од слободен удар, Десниќ биеше со глава, за момент одбрани Ефремов, но одбиената топка стигна до Дарко Размоски кој ја погоди мрежата на Скопје за водство од 1:0. Избраниците на Грнчаров цело време притискаа кон голот на Скопје. Нова прилика во 15.минута за Размоски, кој бие од десната страна само крај голот. Во 13.минута единствениот обид на противникот преку Игнатов кој биеше над голот. Опасен удар имаше и Нијаз Јусуфи од преку 25.метри кој Ефремов го одбрани со крајни напори. Видовме и поништен гол на Десниќ поради недозволена позиција, а Вардар продолжи со шанси пред голот на Скопје. Две големи прилики имавме преку Мишковски, а потоа и Размоски кој на додавање од Јаневски имаше добра позиција да го матира противничкиот голман, но топката оди крај голот. Во 34 минута Скопје остана и со играч помалку на теренот, Тодоров доби црвен картон кој фрли факел кон вардаровите навивачи.
По само пет минути игра во вториот дел, Вардар се стекна со предност од 2:0, со вториот гол на Размоски, кој погоди после центар шут од десната страна на Десниќ. Црвно-црните во овој период имаа солидно водство, ако се земе предвид дека играме и со играч повеќе на теренот. Каков гол на Дарко Глишиќ од слободен удар, во 60.минута Вардар поведува и со 3:0, после краток допир на Николовски, Глишиќ биеше прецизно во долниот десен голмански агол за голема предност на црвено-црните. Во 73.минута голема можност да постигне хет-трик имаше Размоски, но во последен момент Божиновски исфрли од гол линијата и спаси поголема негатива за својот тим. Во шанса во 77 минута се најде и нововлезениот Жоглев кој на додавање од Размоски, со глава шутираше крај голот. Нови измени во нашите редови, во игра влегоа Велковски, Митев, Дошев и Папули. До крајот немаше некои големи возбудувања кон двата гола, конечниот резултат е 3:0.
После две години, Вардар се враќа во најсилната македонска фудбалска лига. Честитки до целиот тим со стручниот штаб кои поминаа низ тежок период сезонава, но одиграа со срце до крајот.