Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Петлиња > Фк Вардар генер. “2007“ ја наполни мрежата на Скупи
Фк Вардар генер. “2007“ ја наполни мрежата на Скупи

Фк Вардар генер. “2007“ ја наполни мрежата на Скупи

Денес продолжија натпреварите во детската фудбалска лига. На терените на фудбалскиот клуб Работнички, утрово свои први мечеви имаше генерацијата на Вардар, родени “2007“ година. Избраниците на Томче Трајановски настапија со двете свои екипи, кои забележаа победи. Противник им беше екипата на Скупи.

Најпрво на теренот излегоа ФК Вардар (2) и Скупи (1). Конечниот резултат на овој дуел гласеше 7:0, а нашите малди надежи уште во втората минута од натпреварот имаа водство од 2:0. Најдобрите стрелци на оваа екипа Борјан Томовски и Петар Мицевски беа стрелци на првите погодоци за Вардар. Првиот беше дело на Томовски, додека вториот го постигна Мицевски, на асистенција на Томовски. До крајот на првото полувреме најактивен беше токму Борјан Томовски кој имаше три последователни шанси за зголемување на водството, но голманот на Скупи успешно ги бранеше неговите удари. При крајот на првиот дел Петар Мицевски се обиде директно од корнер да го изнеанди противничкиот чувар на мрежата, сепак неговата замисла не успеа, па на кратка пауза се замина со резултат 2:0.

Црвено-црните беа за класа подобри од противникот, тоа го покажа и резултатот на крајот од мечот. Првата прилика во вториот дел ја имаше Петар Мицевски, чиј удар го брани голманот на Скупи. Сепак во следната веќе прилика Мицевски погодува за предност од 3:0. Следеше период во кој се истакна Лука Атанасовски со својата игра и подогоци. Ова момче сам повлече акција од средината на теренот се најде во добра позиција да го матира голманот на Скупи, за веќе водство од 4:0. Петарда во мрежата на Скупи, повторно гол на Борјан Томовски втор за него на овој меч. Нова мајсторија на Лука Атанасовски, во стил на големите фудбалски имиња за зголемување на 6:0. Конечниот резултат од 7:0 го постави Борјан Томовски.

Веднаш после нив на теренот излегоа Фк Вардар (1) и Скупи 2. Поуспешна беше екипата на Вардар со резултат 2:1. Тука следивме понеизвесен меч, на кој црвено-црните повторно беа подобри од противникот. Првата прилика за отварање на резулатот ја имаше Младен Тарчуловски од редовите на Вардар. Нашиот чувар на мрежата Лука Јаневски брани одличен удар на Скупи и спречува негатива. Сепак Вардар е тимот кој прв го отвара резултатот, со погодокот на Стефан Младеновски. Првото полувреме завршува со резултат 1:0.

Во вториот дел Скупи донесе неизвеснот, откако успеа да го израмни резултатот на 1:1. До крајот на мечот најчесто се играше пред голот на противникот, иницијативата и неколкуте шанси вродија со “плод“ откако Стефан Младеновски со својот втор погок донесе триумф за Вардар од 2:1.