Денес на терените на ФФМ, натпревар во рамките на Детската Лига одигра генерацијата 2009 на ФК Вардар, единствената екипа која беше активна во викендов кој полека изминува. Момците на Зоран Петковски денес беа подобри од екипата на Милано, триумфирајќи со резултат 6:2 (2:2).
Иако на два пати имавме негатива, сепак на крајот вардаровите надежи се радуваа на победата. Едноставно бевме подобри од противникот, штета што не успеавме да постигнеме уште некој гол плус, со оглед на упатените удари и шансите кои ги имавме на овој натпревар од Детската Лига. Екипата од Куманово прва го отвори резултатот, но врати Јаков Стојковски за 1:1. Повторно противникот стигна до предност од 1:2, но Јаков Стојковски ги покажа уште еднаш своите фудбалски квалитети, па со нов погодок донесе израмнување на 2:2, резултат кој се покажа како актуелен на полувреме. Во овој дел од натпреварот обиди имавме и преку Матеј Николов и Павел Котески Митровски, како и на Стојковски, но Милано успеа на полувреме да нема негатива.
Вардаровите надежи во вториот дел го „окупираа“ целосно противничкиот гол, а шансите се редеа како на „филмска лента“. На самиот старт на второто полувреме успеавме да направиме резултатски пресврт и да поведеме со 3:2, во акција во која Стојковски беше во добра прилика да го загрози голот, сепак за момент одбрани голманот на Милано, за во истата акција, Коста Бошковски да ја затресе противничката мрежа и да донесе водство од 3:2. Добра шана да се запише во листата на стрелци имаше Алек Чедомирски, но одбрани голманот, додека Јаков Стојковски со својот хет-трик денес зголеми на 4:2. Предноста на 5:2 ја зголеми Даријан Величковски, додека конечните 6:2 ги постави Алек Чедомирски. Шанси имаше и Матеј Ристески, но не успеа да реализира.