Фудбалскиот клуб Вардар одигра пријателски натпревар, против екипата на Македонија Ѓ.П. Истиот се одигра на стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари и заврши во корист на нашиот Шампион кој оствари минимална победа со резултат 1:0.
Тренерот Васоски ја продолжи традицијата да внесува во тимот млади и надежни играчи. Своето деби во првиот тим го имаше 17-годишниот стопер Филип Ѓоргоски кој одигра 30 минути на теренот. Се работи за квалитетен играч кој во Вардар е од 2016 година, кога преку настапите во „Јуниор Лигата“ преминува во редовите на Вардар од екипата на Еврофудбал. Тогаш стручните лица задолжени за проектот го препознаваат како потенцијален играч, па и не згрешиле во проценката со оглед дека Ѓоргоски е стандарден играч во генерацијата 2003 на Вардар.
Се работи и за стандарден играч во репрезентацијата на Македонија до 18 години, кој постојано добива повик за настап во националниот дрес. Ѓоргоски одигра одлично на дебито за Вардар, па сигурни сме дека Васоски ќе смета на него во наредниот период.