Утре со натпреварот на домашен терен против екипата на Аресими, стартува пролетниот дел од сезоната во ВМФЛ за ФК Вардар. Црвено-црните стартуваат од второто место на табелата со само еден бод помалку од екипата на Гостивар која е лидер во лигата.
Во пресрет на утрешниот натпревар, своја изјава за официјалната страна на клубот, даде шефот на стручниот штаб на Вардар, Бобан Грнчаров, кој истакна дека и покрај сите проблеми, Вардар ќе се бори до крајот за остварување на својата цел.
“Без оглед на состојбата во клубот со која се соочуваме периодов, подготвени и мотивирани го дочекуваме почетокот на вториот дел од првенството во ВМФЛ и натпреварот против Арсими утре од 14 часот. Максимално верувам во квалитетот и карактерот на овие момци и убеден сум дека и покрај сите проблеми со кои се среќаваме ќе бидеме фокусирани и желни да успееме во својата цел која останува непроменета, да го вратиме најтрофејниот клуб во Македонија таму каде што припаѓа. Сочуван е голем дел од екипата и квалитетно засилен на одредени позиции. Почнувајќи од утрешниот натпревар секој следен ќе биде финале за нас, и токму на таков начин ќе пристапуваме кон секој предизвик.Сите играчи се здрави и во комбинација за натпреварот, со исклучок на Дарко Размоски кој одработува суспензија поради картони. Ги поканувам сите навивачи на Вардар во што поголем број да дојдат утре од 14 часот на стадионот во Автокоманда и да ги поддржат овие момци, со нашите Комити зад нас не постои цел која не можеме да ја оствариме, а ние ќе се оддолжиме со пристап на теренот достоен за најтрофејниот клуб во државата”, истакна Грне.
Натпреварот утре ќе се одигра на стадионот во Автокоманда, со почеток од 14:00 часот.