Во петок и сабота ќе се одигра 4. коло во првенството на младинските фудбалски категории, на програмата е градското дерби помеѓу екипите на Вардар и Работнички. Пионоерските екипи во петок гостуваат на теренот на Алумина, додека во сабота, кадетите и младинците се домаќини на теренот во населбата Јане Сандански.
Помладите пионери имаат одличен старт на сезоната, каде по првите три одиграни кола имаат исто толку победи. Последната беше на гостувањето кај екипата на Ренова. Ова ќе биде втор меѓусебен дуел на екипите на Вардар и Работнички во новата сезона, првиот го одигравме во рамките на осминафиналето од купот, каде избраниците на Деспотовски славеа со резултат 2:1 и го елиминираа градскиот ривал од ова натпреварување. Мечот во петок ќе започне од 09:00 часот.
Пионерите на Вардар ќе се обидат да се вратат на победите во првенството, иако пред себе ќе имаат тежок противник. Избраниците на Кралевски имаат една победа и два нерешени резултати на стартот од новата сезона. Работнички беше екипата која не елиминираше после изведување на пенали во 1/8 финалето на купот, па црвено-црните ќе се обидат да му вратат на противникот за тој пораз. Натпреварот на теренот на Алумна ќе стартува од 11:00 часот.
Кадетите и младинците вчера го доживеаа првиот пораз оваа сезона и тоа на гостувањето во Тетово, против екипата на Шкендија. Натпреварите против Работнички секогаш носеле возбудувања, така сигурно дека ќе биде и во сабота. Нивните натпревари започнуваат во термините од 10 и 12 часот.