Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Градско фудбалско дерби помеѓу Вардар и Работнички, во рамките на 20 првенствено коло
Градско фудбалско дерби помеѓу Вардар и Работнички, во рамките на 20 првенствено коло

Градско фудбалско дерби помеѓу Вардар и Работнички, во рамките на 20 првенствено коло

Во среда и четврток генерациите на фудбалскиот клуб Вардар ќе го одиграат 20 првенствено коло. Пионерските екипи во четврток гостуваат на теренот на Алумина, на екипата на Работнички, додека кадетите и младинците во среда се домаќини на истиов противник. Мечевите се играат во термините од 10:00 и 12:00 часот.

После две недели пауза, помладите пионерите се враќаат на настапите во првенството. Изминатиов период тие беа дел од првото издание на меморијалниот турнир “Филип Лазаревски“ на кој го освоија второто место. Со дуелот против Ренова, требаше да го стартуваат третиот и последен круг на натпреварување, но истиот ќе го одиграат во друг дополнителен термин, поради настапи на дел од играчите со селекцијата до 16 години, која беше дел од турнир во БИХ. Интересно е тоа што оваа генерација на Вардар единствените бодови оваа сезона ги загуби токму на гостувањето на Алумина, во рамките на второто коло на стартот од сезоната. Тој меч заврши со почетниот резултат 0:0, а екипата на тој дуел ја предводеше Љупчо Марковски. Од тој па се до утрешниот меч, вардарци се наоѓаат во серија од 16 последователни победи, а вкупно 17 во лигата за избраниците на Сашо Тодоровски. На вториот меч, одигран на домаше терен, Вардар го победи својот ривал, со резултат од 2:1. Вардар има голема бодовна предност пред останатите конкуренти и речиси веќе ја осигура титулата во лигата, тие ќе играат без притисок и со желба да продолжат без пораз во првенството.

По една победа им припадна на пионерите на Работнички и Вардар, во двата меѓусебни дуели на овие екипи оваа сезона. На истиов терен каде утре ќе се одигра мечот, Работнички минимално славеше со 1:0, но затоа Вардар врати поубедливо, кога на теренот на Академијата во еден “тензичен“ меч успеаа да слават со високи 3:0. Во оваа возрасна категорија, Вардар ги загуби шансите за титулата, па до крајот на сезоната им останува борбата за трофејот во купот, каде имаат изгледни шанси да играат во големото финале, но и да освојат повеќе бодови во лигата.

Кадетите ќе се обидат да стигнат до првиот триумф оваа сезона во дуелите со градскиот ривал. Првиот меч одигран на Академија го загубивме со резултат 1:2, додека на вториот одигравме без голови 0:0. Избраниците на Колев се наоѓаат во добра серија во пролетниот дел од сезоната, забележувајќи четири последователни победи. Вардар  нема право на грешка, со оглед дека е во голема борба за титулата со тимот на Шкендија, па секој изгубен бод ќе значи чекор подалеку до трофејот.

Во добра серија се наоѓаат и вардаровите младинци кои имаат три последователни победи и се уште немаат пораз во пролетниот дел од сезоната. Откако прокружија информации дека Бобан Бабунски ќе го превземе првиот тим, останува дилемата кој ќе го води младинскиот состав на утрешниот дуел против екипата на Работнички. Вардар го доби првиот дуел одигран на Академијата (4:2), додека на гостувањето одигра без победник (1:1).