За една недела екипите на Вардар и Апоел два пати одиграа без победник, но Кипарскиот шампион е патникот во следната рунда од лигата на шампионите. Иако повторно останавме непоразени, сепак не успеавме да ја оствариме главната цел. Поради примениот гол на домашен терен, црвено-црните се простија од Европските настапи за оваа сезона. Желба постоеше кај нашите момци да направат нешто повеќе и да ја израдуваат публиката која беше присутна на арената “Филип Втори“, сепак квалитетот во мала мера беше на страната на противникот.
Во првото полувреме за одбележување е шансата, кога при центар шут на Фелипе, Грнчаров не успеа доволно добро да ја зафати топката и да ја смести на мрежата на противникот. Претходно гостите се заканија преку Сотириу кој одлично шутираше, но Пачовски со олдична интервенција не дозволи изненадување. Црвено-црните имаа уште неколку полу-прилики кои не ги искористија најдобро, иако имаа простор и позиција за нешто посериозно.
Второто полувреме започна внимателно на двете страни, влогот беше голем за екипата која прва ќе примеше погодок. Во 60 минута, Кипрјаните при една акција го проиграа Де Винсенти кој излезе сам пред Пачовски и успеа да постигне гол за нивна голема радост. Офсајд замката беше неуспеша од нашите дефанзивци, Пачовски иако интервенираше топката сепак заврши позади него. Во продолжение од натпреварот, Вардар нападна со сите сили кон противничкиот гол. Израмнувачкиот погодок дојде многу касно дури во 94 минута од судиското продолжение. Љамчевски упати центар шут, топката го погоди еден од противничките играчи и заврши во мрежата на Апоел.
Сепак беше касно да се направи нешто повеќе, останаа уште две минути за игра по што судијата отсвири крај. Поради примениот гол на свој терен, Вардарци не успеаа да ја продолжат европската приказна. Екипата имаше голема поддршка од своите Комити, кои ги бодреа и кога не им одеше најдобро на фудбалерите. Арената во голем дел беше исполнета и имаше одлична бројка на посетеност.