Ибрахим Ариф кој оваа сезона настапува за помладите пионери на Фак Вардар е најдобриот стрелец во есенскиот дел од сезоната од сите Вардарови екипи кои настапуваат во првенството и купот. Ова е прва година за ова момче во црвено-црниот дрес, кој сосема заслужено ги оправда очекувањата на тренерот Сашо Јанев. Постигна вкупно 15 голови во двете натпреварувања, каде неговиот тим се наоѓа на првото место во лигата и за жал ги заврши настапите во националниот куп. Сигурно ќе се паметат неговите погодоци од слободен удар кои беа вредни три бода, во дерби мечевите со екипите на Шкупи и Металург. На два домашни првенствени натпревари успеаа да постигне дури четири погодоци и сигурно е најзаслужен за добрите игри и резултати на помладите пионери во првиот дел од сезоната.
-Фудбалот највеќе го сакам, едноставно ми лежи на срце. Започнав да тренирам пред три години и тоа индивидуално, под водство на тренерите Пане Блажевски и Ферди Исмаили. Бидејќи овој спорт е колективна игра а не индивидуална, морав да барам клуб каде понатаму ќе напредувам. Се одлучив да тренирам во најдоброто школо за фудбал, тоа беше Фк Форца. Таму работев интезивно и напредував цело време во усовршување на многу елементи од фудбалската игра. Како “круна“ на мојот напорен труд дојде преминувањето во фудбалскиот клуб Вардар, кој е предизвик за секој играч без разлика на возраста. Знаев дека за да се докажам, морам многу да се трудам така што работев интензивно. Сепак најголема заслуга за мојот моментален статус на голгетер, има тренерот Сашо Јанев кој многу ми помогна да ја пронајдам вистинската моја позиција на теренот, изјави Ибрахим Ариф за Вардар Фанс.
Ова се најдобрите стрелци за своите екипи во двете натпреварувања, во есенскиот дел од сезоната.
1. Ибрахим Ариф 15 (помлади пионери)
2. Јакуп Бериша 9 ( пионери)
3. Виктор Димков 8 ( младинци)
4. Дејан Маркоски 5 ( кадети)
Звонко Ивановски