Tuesday ,23 April 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Прв тим > Игра која ветува и радува, пред мечот со Металург во Ѓорче
Игра која ветува и радува, пред мечот со Металург во Ѓорче

Игра која ветува и радува, пред мечот со Металург во Ѓорче

Нема многу одмор за црвено-црните, кои веќе утре играат нов првенствен натпревар. Во четвртото коло, нашиот шампион е домаќин на тимот на Металург. Мечот ќе се одигра на стадионот во Ѓорче, со почеток од 16:30 часот. Она што не радува е играта на Вардарци во претходното коло, против екипата на Младост Ц.Д. Иако се работеше за слаб противник, сепак како никогаш досега, нашиот шампион го играше цел натпреавр офанзивно. Со константен притисок на половината на Младост, не дозволувајќи им да поврзат акција. Одамна не сме го виделе Вардар со толку доминантна игра која беше очигледна на теренот. Покрај постигнатите шест голови, имавме уште неколку добри прилики за погодок.

Пачовски е одличен оваа сезона, иако немаше многу работа во претходното коло. Во одбраната недостасуваше Грнчаров, но неговото место успешно го потполни Дарко Велковски кој заедно со Мијушковиќ функционираа беспрекорно во дефанзивната линија. Средината беше одлична, со брзи додавања и успешни проигрувања до напаѓачите. Блажевски уште еднаш ја покажа својата умешност пред голот на противникот. Стрелаше два пати, а беше еден од најзаслужните за голот кој го даде Дашјан.

Ерменскиот репрезентативец по подолго време одигра добар натпревар за својата екипа и беше еден од подобрите во нашиот состав. Фелипе е вистински мотор на тимот, околу кој се вртат сите акции на нашиот шампион. Несомнено се работи за одлично засилување во офанзивната линија, со прецизни додавања до своите соиграчи. Бразилецот веќе ги задоволи вкусовите на симпатизерите на Вардар со својата игра. Ромеро полека се вклопува во тимот и се  прилагодува на играта, која ја спроведува тренерот Седлоски.

Очекуваме победничката серија која започна од Куманово и голеадата против Младост, да продолжи и утре во дуелот со Металург. Ние сме апсолутни фаворити и се освен три бода од овој дуел, би било неуспех.