Академијата на фудбалскиот клуб Вардар располага со голем број на талентирани и квалитетни играчи, за кои во иднина треба се почесто да се слуша. Еден од нив секако е Ненад Дамјаноски, кој е дел од шампионската генерација 2008 на Вардар. Се работи за фудбалски „бисер“ на клубот и несомено голем талент. Капитен на екипата, предводник и еден од најдобрите стрелци на оваа надежна генерација. Игра на средината на теренот, па секоја акција започнува токму од него, многу важен дел во играта на генерацијата 2008. Ние како медиум кој цела сезона ги прати младинските екипи на Вардар и понатаму продолжува со промоција на овие млади играчи, кои се сметаат за потенцијална иднина на клубот. Прочитајте го интервјуто со „златната десетка“ во генерацијата 2008.
1. Од каде желбата за фудбал, дали овој спорт беше единствен кој ве привлече ?
-Мојата желба за фудбал произлезе уште од раното детство, едноставно го засакав овој спорт од мали години. Самиот се решив да започнам да тренирам и досега бележам големи успеси со мојата генерација, како на домашни, така и на меѓународни натпреварувања.
2. На колку години започнавте да тренирате, кој беше првиот клуб и тренер каде ги учевте почетоците во фудбалот ?
-Првите професионални тренинзи ги започнав на 5 годишна возраст во екипата на Тетекс од Тетово. Прв тренер со кој започнав да тренирам и да ги учам основните работи во фудбалот беше Цоле Урошевиќ.
3. Вашата генерација и трета година по ред успеа да стане Шампион на Македонија. На што се должат добрите игри и успесите на вашата екипа ?
-Трета година по ред докажавме дека сме најдобрата генерација во Македонија и дека нема противник кој може да не победи. Екипата ја краси колективна игра, борбеност и победнички карактер. Чест ми е да играм во екипа со играчи кои се родени победници. Долга беше сезоната во детската лига, имаше периоди кога настапувавме на турнири надвор од земјата, па беше малку напорно да се следи брзото темпо и да се одржи високиот континуитет на игра. Мислам дека располагаме со голем број на квалитетни играчи, секако и со Влатко Колев како тренер кој успеа да го продолжи победничкиот континуитет на оваа генерација, па очекувано беше и оваа година да го одбраниме трофејот и повторно да станеме Шампиони на Македонија.
4. Настапувате најчесто на средината од теренот, дали ова е вашата идеална позиција на која се гледате и во иднина ?
-Настапувам најчесто на средината од теренот, позиција која бара многу трчање, но и креативност. Тренерите во Вардар со кои работев сметаа дека оваа позиција е идеална за мене, па мислам дека успешно се пронајдов на овој дел од теренот. Има разлика на мал и голем терен, моментално играм како среден играч, а на истава позиција се гледам и во иднина.
5. Ненад вие сте капитен на генерацијата 2008, дали е чести и привилегија да се носи капитенската лента на Вардар ?
-Голема е привилегијата, но истовремено и одговорност да бидеш капитен на оваа шампионска генерација. Секако и клубот за кој настапуваш, а тоа е најголемиот во Македонија е едно прекрасно чувство за еден млад играч да ја носи капитенската лента, која треба максимално да се оправдува на секој натпревар.
6. Изминатава сезона настапивте на шест турнири, од кои дури пет ги освоивте. Колку ваквите турнири се значајни за вашата генерација и дали можеш да ни издвоиш еден турнир на кој сметаш дека беше најквалитетен со најсилни противници ?
-Покрај освоеното прво место во Македонија, ние настапивме на уште шест силни турнири, од кои четири беа надвор од земјава. Освоивме дури пет златни и еден бронзен медал. Секако дека најмасовен, со голем број на екипи од други земји беше оној последниот во Белград, „Драган Манце Куп„ на кој го освоивме третото место. За најквалитетен со силни противници, ќе го издвојам турнирот во Бјелина, каде мојот тим стигна до златниот медал. Тука успеавме да победиме екипи како Војводина и во големото финале против Динамо Загреб, која важи за една од најсилните младински школи на Балканот. Секој меѓународен турнир надвор од земјава е големо искуство за нашата генерација, која од ваквите настапи само напредува и го претставува Вардар, но и Македонија, достојно и победнички.
7. Во Вардар имавте можност да работите со Павел Неделковски, Миле Крстев и Влатко Колев. За какви различни тренери се работи и колку вие научивте од истите ?
-Изминативе години имав можност да соработувам од неколку тренери и да учам од сите нив. Секако, дека секој е различен и си има свои принципи на работа кои ги бараат од нас играчите. Секој тренер ќе го паметам како добар и важен во мојот дел од развивањето како играч, со оглед дека секој има удел во она што сум денес.
8. Што претставува Вардар за вас, на што ве асоцира овој клуб ?
-Ја нема секој честа да настапува за Вардар, па за мене е голема гордост што го носам црвено-црниот дрес. Вардар е едно од најголемите и познати спортски имиња не само на Балканот, туку и во Европа, пример за тоа се секако ракометарите кои веќе освоија две Европски титули.
9. Што сакате да правите во слободно време, кога немате обврски со Вардар ?
-Освен тренинзите и настапите со Вардар, сакам да гледам фудбал на телезија и да поминувам време со моите другарчиња.
10. Која е најдрага награда која ја имате добиено во фудбалот ?
-Имам освоено неколку поединечни признанија и награди, но како најдрага ми остана наградата која ја добив за најдобар играч на турнирот „Кул Куп“ на кој го освоивме првото место. Секоја награда и трофеј се драги, истите ми значат и ми се поттик да продолжам напорно да работам.
11. Дали имате омилена екипа и ваш идол ?
-Мојот омилен тим е Барселона, а идол ми е Лионел Меси. Ми се допаѓа играта на овој тим и уживам кога ги гледам нивните натпревари пред малите екрани.
Звонко Ивановски